Продолжи собраниската расправа за избор на нова влада

Фото: МИА

По едночасовната пауза попладнево продолжи собраниската расправа за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери влезе во речиси празна сала во Собранието и им забележа на пратениците дека тие што барале да бидат сите точни, треба да го почитуваат тоа и самите.

Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пак забележаа дека ги нема пратениците од власта, на што Џафери одговори дека секој одговара за себе.

Во попладневниот дел неколку пратеници и од власта и од опозицијата ја продолжија дебатата околу изборот за нова влада, со про и контра аргументи.

Скендер Реџепи од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива оцени дека предложените министри од редовите на ДУИ нема да придонесат за зголемување на стандардот на Абанците во земјава. ДУИ, рече Реџепи, имаше 20 години министри во клучни ресори, но тие, според него, не направиле ништо за Албанците.

Арбр Адеми од ДУИ му реплицираше на Реџепи, истакнувајќи дека треба да запре ваков говор на омраза, и оти граѓаните го кажале својот збор на предвремените избори.

ДУИ, рече Адеми, секогаш пишувале историја, за прват имаме претседател на Собрание, ќе имаме и претседател на влада и сето тоа е во насока на толеранција меѓу етничките заедници и оти нема цел која е неостварлива за Албанците.

Сања Лукаревска од СДСМ оцени дека општествен пораз е што политичарите досега не успеале да ги надминат разликите за најважните рашања, а постигнатиот национален консензус секогаш се сведувал на декларативни заложби.

Фото: МИА

-Победата на Коалицијата „Можеме” е потврда дека граѓаните се определија за членство во НАТО, за почеток на пристапни преговори во ЕУ, за прочистување на правосудниот систем, владеење на правото, што ќе обезбеди економски прогрес и подобар животен стандард, рече Лукаревска.

Ја повика опозицијата да смогне сили да и погледне во очи на реалноста и оти на власта и е потребна модерна опозиција.

-Оваа влада е нова надеж, нуди визија за идните четири години, но и ги потврдува сите претходни слабости за кои граѓаните очекуваат конкретни решенија. Како владејачко мнозинство покажавме дека не сме слепи за барањата за граѓаните. Оваа влада е и огледало на мултиетничкиот карактер на државата и концептот едно општество за сите, рече Лукаревска.

Пратеничката Лукаревска заклучи дека оваа влада е најдобрата опција за сегашноста и за иднината на Северна Македонија и оти оваа власт ќе биде будно око на граѓаните и ќе служи на нивните интереси.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи изрази критики кон власта околу борбата против корупцијата, растот на економијата, развојот на образованието, а со Ковид-19 кризата, како што рече, се чини и дека воопшто ќе нема образование.

Изрази критики и кон работата на власта за заштита на животната средина, конкретно во борбата против загадувањето на воздухот.

Мандатарот Заев реплицираше дека се пласираат искривени тези, но тие веќе не поминуваат, а граѓаните за тоа дале потврда на изборите.

Фото: МИА

-Овие искривоколчени тези повеќе не поминуваат затоа што не направивте ништо да смените од она што беше наша реалност насекаде во светот да бидеме ФИРОМ. Ништо не направивте. Дома бевме Македонци, зборувавме македонски јазик, сега сме за цел свет Македонци и зборуваме македонски јазик, признаени од сите, рече Заев.

Додаде дека и премиерот на Бугарија Бојко Борисов, дошол тука изразувајќи почит према еврејската заедница и зборуваше за македонскиот народ и оти за тоа можело само да се сонува во минатото.

-Ова време на лажни патриоти заврши. Со овие избори е направен пресек. Трубевте со сите можни труби насекаде лажни тези коишто на крајот народот на изборите ви потврди дека не ви верува воопшто. Денеска и пермиерите и лидерите на Грција зборуваат за Северна Македонија во која што живеат Македонци што зборуваат македонски јазик. Денеска сме Македонци признаени од целиот свет што зборуваат македонски јазик признаен од целиот свет. Единствено вашиот наратив е тој што го загрозува македонскиот идентитет продолжувајќи со ваквите тези. Никој друг, ниту дома ниту во светот, рече Заев.

Во однос на долговите, рече дека досега се пуштени 550 милиони евра на граѓаните и на компаниите, а следуваат уште стотици милиони евра пари што стојат на сметката на буџетот.

-Никојпат македонскиот пат и сите граѓани на оваа земја не добија толку пари од својата земја, од своите даноци што ги плаќа во својата земја. Милијарда бутнавте само во споменици и жални врби. Ние делиме на народот да му помогнеме и тоа е голема разлика затоа треба да заврши наративот за зборување за минатото посебно со искровоколчени фрази затоа што граѓаните очекуваат иднина. Денеска овде зборував за иднината, зборував за младите, за децата, за идните генерации. Тука да го водиме наративот. Заврши времето на лажење, заклучи Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот