Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

Проблем е одбраната на македонизмот!

Очигледно, на Габер многу му пречи обраќањето на претседателката пред акредитираните дипломати во земјава, а пофалбите од Панде Колемишевски – „десет дена му зујат во ушите“! Тоа е негово право, меѓутоа, се гледа дека проблемот е во нешто друго, а тоа е – одбраната на македонизмот! Тоа станува сосема видливо кога, на маргинална забелешка на Колемишевски за говорот, тој поставува прашање – „Па тогаш за што и за кого бил наменет: за дипломатите или за премиерот Мицкоски, за послушниците во ВМРО-ДПМНЕ што ја избраа“? Какво ниско ниво на дебата!

Значи, во прашање се партиските, очигледно на сметка на државните интереси, кои ги бранеше Сиљановска. Говорот е навистина многу добар. Апсолутно точно, таа оцени дека меѓународниот поредок не е базиран на меѓународното право; уште помалку на правда, етика и морал; дека отворено се повикува на моќ, а оружјето не мирува; дека доминира аргументот на силата… Го поддржа мултилатерализмот… Ги критикува билатерализацијата, ветоизацијата и двојните стандарди на Унијата, како и блокадата на нови членки, заради нечии историски синдроми…
Симболот Пенелопа, пак, на кој таа се повикува, значи издржливост, надеж, ама и борба за своето, комбинирана со упорност и верба во себе. А, токму денес, точно тоа ѝ треба на Македонија, за разлика од претходните катастрофални политики, коишто нѐ доведоа во ќор-сокак. Сегашната власт се обидува да најде достоинствен излез од темниот тунел, ама тоа некому му пречи. Таа целосно го смени срамниот и понижувачки вокабулар, што е голема промена, ама е крајно време и за акција, без која нема резултати. Првиот чекор е релативно едноставен и мора што поскоро да следи со откажување на вториот протокол со Бугарија, којшто е предавнички подметнат, и целосно нелегален. Така отпаѓаат и ултиматумот за промена на Уставот, и монструозната преговарачка рамка, со која Македонија нема никогаш да се приближи до Брисел. Државата, друг излез – нема!

Присутните дипломати, а грото секако се вистински професионалци, сигурно уште вечерта пратија телеграми во своите централи, со главните поенти од излагањето на претседателката, коишто се неспорни. Така, таа ја постигна посакуваната цел. Дипломатите можат да дадат и негативни коментари, бидејќи нивните интереси се главно дијаметрално спротивни на нашите, ама не можат да ги игнорираат фактите. Интересно е што нивните интереси се поклопуваат со тие на Габер и неговите истомисленици. Тој е гласноговорник на политиките на опозицијата, којашто направи тешки политички криминали додека беше на власт, со историски последици. Со класични предавства на фундаменталните интереси на македонскиот народ (Нивици, Тиранска платформа…), токму таа презема сè – за да ја уништи нашата иднина.

Затоа, застојот на нашиот пат кон Брисел, воопшто не е резултат на сегашните политики. Претходната власт нѐ доведе до ова дереџе, извршувајќи ги понижувачките диктати наметнати од странците, коишто и ги доведоа на власт преку класичен државен удар – токму за да ги исполнат таквите задачи! Тие се сега во небрано бидејќи немаат доблест да ги признаат злосторствата што ги направиле врз македонскиот народ и неговата држава, и продолжуваат со погубните политики.

Габер се сложува дека раката требало да затрепери при промена на Уставот ама, тврди – „тој трепет е само камче во мозаикот на македонската историја, сегашност и иднина“! Значи, да го смениме Уставот, и светот е наш!? Каква бесмислица! Факт е дека промената на Уставот е нивна главна заложба, ама тој како да заборава дека е таа ултимативно и силеџиски наметната, и нема никаде да нѐ одведе! Бугарското Собрание нема никогаш да ратификува наше членство во ЕУ ако не прифатиме дека корените ни се бугарски, јазикот нивен дијалект, историјата заедничка, поточно бугарска…

Затоа, авторот треба да се праша – кои се причините за бугарската уцена и диктат – Македонија да го менува Уставот? Која е нивната цел? Да се пофалат дека си играат мајтап со нас и ни прават што сакаат, или има и некаква заднина? Имаат скриена цел, којашто е крајно опасна! Сакаат да нѐ бугаризираат! И тоа со странска помош, која го менаџира процесот уште од 1990-тите. Тоа е дел од истото сценарио, со коешто Македонија е и прекрстена. Атина и Софија се само алатки во туѓи раце и интереси, иако и тие имаат свои.

Размислувал ли Габер дали Бугарите можат да бидат конститутивен народ во Македонија, и што значи тоа? Беа ли тие окупатори кога се создаваше современата македонска држава и, како тоа, сега – основачи? И, што ќе бара Софија, штом/ако „бугарчињата“ ни станат државотворни?

Да го чуеме Гералд Кнаус, одличен познавач на Балканот. Живеел во Бугарија, и напишал книга за неа. Тој вели („Нова Македонија“, од 22/12/2023): „ако ги внесете во Уставот – тогаш Бугарија ќе каже: сега имате 30 отсто Бугари и потребни се бугарски јазик во училиштата, бугарски книги по историја… Ќе имате глупава дебата за идентитетот… Тоа што ќе се впишат Бугарите во Уставот не е обична техничка отстапка, туку отворање на Пандорина кутија“!? Тој потсетува дека, за Софија, сите што земале бугарски пасош се – Бугари! Сè му е јасно на Клаус, ама не и на Габер и неговите!

Тоа е целта на Софија. И, да додадеме – ќе бараат правична застапеност, универзитети… и што ти не друго!? На секој чекор ќе купуваат „Бугари“! Во споредба со тоа што ќе го сака Софија, Охридскиот рамковен договор ќе биде играчка…

Впрочем, зошто авторот не повикува на реципроцитет, што е основно дипломатско правило? Знае ли дека во Бугарија има голема маса на македонско малцинство, коешто нема никакви права, а кај нас, според последниот попис, има ракатка од 3.504 Бугари! Ако ги внесуваме во Уставот, треба сите – со име и презиме! И, дали Бугарите кај нас се изложени на какви било неправди, како што се Македонците таму?
Во истиот текст од „Нова Македонија“, се цитира и бугарската министерка за надворешни работи, Габриел – „во оној момент кога Македонија ќе ги направи уставните измени, тогаш бугарските власти ќе почнат со испорачување нови барања … утврдени во собраниската декларација“! А, во неа, нема Македонци, нема јазик, нема историја…! Во неа, ние сме измислица на Тито!

За крај, не сакам да верувам дека на Габер не му е јасно дека, со имбецилната промена на името на државата националниот идентитет на македонскиот народ е сериозно доведен во прашање. И, на тој начин – ставен на маса! Инаку, зошто државата би била прекрстена, ако не заради разнебитување на народот? Која би била целта? Ако се прекрсти Франција, нема веќе Французи! Истото важи за Германците, Данците… За сите. Затоа имаме албанизација (новата административна поделба) и бугаризација!

Аш, Македонци! Сега нема да се чудиме зошто Габер со ниту еден збор не ги критикува ЕУ, Грција, Бугарија… за нивните навредливи политики кон Македонија. Тие не му пречат. Исто како и на пропаднатата СДСМ.

(„Силјановска – Пенелопа од нашиот сокак“, „Слободен печат“ од 5 февруари 2026)

(Авторот е поранешен амбасадор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот