Претставата со текстови од Горан Стефановски ќе трага по идентитетот

Драмскиот театар во Скопје на 31 март премиерно ќе изведе претстава која е поставена според компилација на драмски текстови, што не се поставени на сцената на Драмски, од Горан Стефановски. Поради протоколите и намалениот капацитет за присуство на публиката, како премиерни ќе бидат и изведбите на претставата на 1 и 2 април.

Претставата „Мај нејм из Горан Стефановски (My Name Is Goran Stefanovski)“ е во режија на Бранислав Миќуновиќ, познат режисер, долгогодишен професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Белград и на Факултетот за драмски уметности во Цетиње.

– Претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ се роди од мојата посветеност кон Горановото дело и од сеќавањето на нашето пријателство. Таа е моја исповед пред пријателот, мој сценски одговор на неговите драмски теми. Моја посвета на неговиот опус кој, низ неколку негови драми, сакав да го претставам пред современата театарска јавност и уште еднаш да потсетам на тоа дека неговите катарзични теми се сѐ поактуелни. Драматично поактуелни.

Преку чистењето на просторот на претставата од излишни илустрации и тргнувајќи од потребата да не се загубат неговите зборови за нашите национални, индивидуални и колективни страдања, сакав гледачите да излезат од претставата со длабоки емоции што ќе ги задржат во долго сеќавање.

Местото за Горановата и моја средба е предодредено – Драмски театар Скопје. Им благодарам на Драмски театар и на Катерина Коцевска на поканата и довербата. Ова, освен што е омаж за Горан, е и мој омаж за славата на Драмски театар. Искрено им благодарам на Бранислава, Александар, Влатко и Роза, на актерите и техниката на оваа претстава што ја поддржаа мојата намера Горановите зборови во оваа претстава да им ги изговориме на публиката на близок, непосреден и директен начин – истакнува режисерот Миќуновиќ.

Авторската адаптација за текстот на претставата е на драматургот Бранислава Илиќ. Таа првпат соработува со Драмскиот театар во Скопје, а на средба со новинарите откри дека немала можност во животот лично да се запознае со Горан Стефановски. Во однос на насловот на претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ на англиски јазик, таа објасни дека тоа била прва реченица што Горан ја употребувал на настапите на меѓународните конференции и предавања што ги одржувал. Илиќ потенцира дека Горан Стефановски е икона во драматуршките кругови.

– На 54. Стериино позорје, Горан Стефановски ја доби наградата за животно дело. Во интервјуто кое по тој повод со него го направи Снежана Милетиќ за списанието „Сцена“, Стефановски, меѓу другото, ќе каже: „Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на ден. Исто како и слободата.“ – посочува Илиќ, и додава:

– Оваа мисла беше мојата појдовна точка при изборот на драми и сцени во кои оваа потрага на авторот, но и на луѓето од овие простори генерално, е видлива. Така, преку монтажа на сцени од седум драми на Горан („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) настана авторската адаптација „My Name Is Goran Stefanovski“. Избраните драми се напишани во период од 1987 до 2012 година, во еден турбулентен историски период на балканскиот и европски простор, за време на кој, особено на овој некогаш заеднички, југословенски простор, преиспитувањето на идентитетот и слободата беше императив. Другата причина беше мојата одлука да изберам драми што не се поставени во Драмски театар. Неизмерно му благодарам на семејството Стефановски што имаше доверба и разбирање за овој драматуршки потфат; на режисерот Бранислав Миќуновиќ, кој ме покани во оваа приказна и кој побара да работиме компилација од сцени од неколку драми; и на Драмски театар, за трпенито, поддршката и можноста оваа сложена драмска структура за стане и сценски заокружена.

Зададеното тематско преиспитување на односите на идентитетот и домот, благодарение на режисерскиот концепт и препознатливиот естетски ракопис на режисерот Миќуновиќ, во сценска смисла станува потрага по идентитетот на поединецот распнат меѓу желбата за остварување лична слобода и потребата за имање сигурен простор. Претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ го поставува прашањето на релевантноста и актуелноста на оваа современа човекова дилема во свет во кој сѐ е на продажба и во време во кое интересите и моќта се поважни општествени категории од поединечното право на слобода и сигурност.

Во изминативе години, особено во периодов на пандемија, се отворија многу прашања на кои Горан, да беше жив, сигурно ќе одговореше лично, ќе заземеше став и ќе напишеше нова драма. Оваа претстава не може да го надокнади отсуството на еден од најзначајните драмски писатели и драматурзи од овој наш простор, но може да ни укаже дека она што ни се случува и како живееме денес, веќе е запишано во неговиот опус.

Никогаш до сега не сум работела претстава која во себе носи толку голем набој на почитување, љубов и грижа кон еден човек и неговото дело. Неговото присуство во Драмски театар, во сеќавањата и приказните на актерите кои играле во неговите претстави е толку големо, што речиси да можам да го чујам од големиот портрет во холот на Драмски театар, како, шегувајќи се со сопствената смрт, шеретски (со одредена доза на иронија), ни вели: „Одредена доза на отсуство е многу важна за присуство“ – заклучува драматургот Бранислава Илиќ.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.

Сценографијата е на Александар Дениќ, кој повеќе од 20 години соработува со режисерот Миќуновиќ, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, авторската музика е на Влатко Стефановски, брат на Горан, музички соработник е Давор Јордановски, а асистент на режија е Кристијан Атанасов.

Прва претстава по текст на Горан Стефановски во Драмски театар била „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски со праизведба на 26.12.1974 година. Следувала низа од 13 претстави по текст на Горан Стефановски, а последна во низата е претставата „Огнени јазици“ во режија на Слободан Унковски со праизведба на 2.11.2013 година. Со претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ зборовите од уште седум претстави на Стефановски ќе прозвучат на сцената на Драмски театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот