Претседател на ЗНМ, Младен Чадиковски - Пресврт

ПРЕСВРТ | Младен Чадиковски: Ботовите се новиот механизам за замолкнување на слободата на говорот

Случајот со намалувањето на дигиталната видливост на „Слободен печат“ на социјалните платформи не е изолиран, ниту е прв инцидент од ваков тип во земјава, вели Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија во емисијата „Пресврт“. Според него ваквите примери не се непознати ниту во светот, напротив, стануваат нова доктрина за војување со медиумите и со слободата на информирање. Чадиковски посочува дека денес веќе не се потребни физички напади за да се замолчи медиум.

„Доволно е да имате армија лажни профили, ботови, тролови и дигитални манипулации преку координирани и планирани активности. Тоа создава притисок врз редакциите и го загрозува медиумскиот систем, иако физичката безбедност формално не е директно нападната. Ова е нова фронтална линија на притисок што се случува и во Европа и во светот, а Македонија не е изолирана од тие трендови“, појаснува Чадиковски.

Тој додава дека голем дел од редакциите веќе создаваат специјални тимови за дигитална безбедност.

„Како медиум, повеќе не смеете да дозволите вашата техничка инфраструктура да остане незаштитена на „клауд“ и да мислите дека со еден антивирус сте ја завршиле работата. Напротив, во светот и Европа редакциите се залагаат да изградат ваков безбедносен систем за кој помагаат и државите преку обука, субвенции и кадри како да се изградат овие бариери и да се заштитиме од овој нов вид на војување кон слободните медиуми – истакнува Чадиковски.

ЗНМ преку новинарските здруженија и партнерите во Европа се залага ваквата помош да ја добијат и македонските медиуми.

-Со внимателност ја следевме ситуацијата што ја алармиравте преку вашите медиуми. Според првичните индиции, она што го гледаме  и ние, и вие, и секој објективен набљудувач,  јасно укажува дека ова не личи на изолиран или спонтан онлајн инцидент предизвикан од технички проблеми. Моделот на координирано активирање на голем број новокреирани и сомнителни профили, кои во исто време упатуваат исти или слични пораки, укажува дека најверојатно станува збор за организиран напад – вели Чадиковски.

Младен Чадиковски - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Младен Чадиковски – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Според првиот човек на ЗНМ овие напади се алатка со која во новото време сака и може да му се наштети на медиумот и неговите платформи за објави.

– Целта, пред сè, е да се намали или уништи репутацијата на медиумот во кој работите. Второ, можеби уште поважно за оние што го организираат нападот, е да се намали дигиталната видливост на медиумот – таканаречениот „шедоу-бан“, кој во последно време се појавува како нова доктрина во светот – вели Чадиковски и додава дека токму затоа ЗНМ реши овој напад сериозно да се истретира каде е поднесена и пријава до МВР, до Секторот за компјутерски криминал.

Повеќе од разговорот со Младен Чадиковски, првиот човек на ЗНМ можете да погледнете во видеото погоре  на јутуб-каналот на „Слободен печат“ и на порталот во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот