ПРЕСВРТ | Бојан Кордалов: Младите остануваат проевропски, но бараат место на масата во реформскиот процес
Комуникологот Бојан Кордалов оцени дека резултатите од истражувањето на „Европскиот центар за извонредност“ потврдуваат јасна ориентација на младите во земјава кон Европската Унија. Според него, огромното мнозинство млади сметаат дека Македонија нема реална алтернатива освен ЕУ-интеграцијата. Сепак, најголемиот проблем, вели Кордалов, е нивниот песимизам околу брзината на членството, што го поврзуваат со недоволниот реформски напредок, корупцијата и генералната институционална слабост.
Препорачано
„Во земјите од Балканот, па и кај нас, постои пракса дека ако институциите не признаат проблем тогаш тој, наводно, не постои. Но тоа е погрешно. Ако не се побара помош или не се отвори прашањето, проблемот не исчезнува, туку напротив — се продлабочува“, истакна Кордалов во гостувањето за „Слободен печат“.
Тој додаде дека случувањата поврзани со корупциските скандали на европско тло само го потврдуваат фактот дека корупцијата е сериозен, широк и транснационален проблем.
„Не е спорно дека активностите што се преземаат во Европскиот парламент, во Колеџот на Европа и во други тела укажуваат на тоа дека корупцијата е реален и голем предизвик. Но тоа треба да биде поттик за нас, а не алиби“, нагласи Кордалов.
Истражувањето покажува дека меѓу младите постојат надеж и интерес кон европските вредности, но истовремено и длабока недоверба кон институционалниот капацитет на државата да ги исполни условите за членство.
– Овој јаз меѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици ја формира основата на младинскиот евроскептицизам,“ се наведува во документот.
Директорот за политика и комуникација на Европскиот центар за извонредност, Бојан Кордалов, истакна дека ваквите резултати се аларм и повик за акција.
„Доколку на младите не им се понудат реални можности, стабилност и разбирање, тие ќе престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ,“ вели тој.
Повеќе од разговорот со директорот за политика и комуникација на Европскиот центар за извонредност, Бојан Кордалов во видеото погоре.


