Преспа институт: Владејачката коалиција во моментов има најголеми шанси за победа на парламентарните избори

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Oва истражување е направено со помош на вештачка интелигенција, спроведено преку алатката за истражување и аналитика ЕлектоМетар. Спроведените три експерименти опфатиле 14.000 различни сценарија, коишто разгледуваат претпоставено сценарио кога на изборите во 2024 година би се појавиле пет блокови на политички партии.

Ако сега се одржат избори во Македонија и ако СДСМ и Коалицијата настапат со една листа, а ВМРО-ДПМНЕ со актуелната коалиција, не постои сценарио во кое опозицијата ќе победи на парламентарните избори, покажа истражувањето на Преспа институтот кое се однесува на „Систем за следење на изборите и постапување на гласачите“.

Истражувањето на Преспа институтот, како што беше презентирано денеска, покажува дека гласачите во Македонија главно гласаат за политичка партија, односно многу малку има влијание кој кандидат е во прашање. Политичките партии, пак, имаат сигурни гласачки места, на кои гласачите секогаш гласаат за една политичка партија, без разлика за какви избори станува збор.

Oва истражување е направено со помош на вештачка интелигенција, спроведено преку алатката за истражување и аналитика ЕлектоМетар.

Спроведените три експерименти опфатиле 14.000 различни сценарија коишто разгледуваат претпоставено сценарио кога на изборите во 2024 година би се појавиле пет блокови на политички партии. Притоа блоковите би биле составени според моменталните најави на групирање: владина коалиција, коалицијата која гравитира околу ВМРО-ДПМНЕ, блок кој ја претставува т.н. албанска коалиција, блок во кој доминира Левица и блок во кој се останатите политички партии, но според податоците ќе доминира ЗНАМ.

Според моделот на ЕлектоМетар, во овој момент само два блока даваат шанса да состават мнозинство или пак да освојат најмногу гласови. Притоа, првиот блок или владината коалиција има 96 проценти шанса да состави мнозинство, а вториот блок или актуелната опозиција има само четири проценти шанси да освои најголем број пратеници и да дојде во позиција да предложи состав на новата влада.

Врска помеѓу излезноста на изборите и различни политички партии

Според анализата на Преспа институтот, личноста или други променливи – економска состојба, временски услови и слично имале многу мало влијание врз одлучувањето на изборите во минатото. Граѓаните главно гласаат за политичка партија.

Излезноста не влијае на резултатите на ВМРО-ДПМНЕ, кои освојуваат околу 300.000 гласови, но има влијание на резултатот на СДСМ и ДУИ, односно колку помала излезност на изборите, толку помалку гласови за овие две политички партии.

Како што соопштија од Институтот, во однос на временските или економските состојби, единствено ковид пандемијата имала минимално влијание на излезноста.

Не постои сценарио во кое некоја коалиција би освоила двотретинско мнозинство

Истражувањето што денеска беше презентирано покажа дека од сите можни сценарија, ниту едно не предвидува коалиција која би освоила двотретинско мнозинство во парламентот или 80 пратеници.

Ако ВМРО-ДПМНЕ коалицира со трите албански опозициски партии, тие би инсистирале на уставни измени за да настапат заеднички на изборите, но ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните поддржувачи е јасен – тие не прифаќаат внесување на Бугарите во Уставот.

Како што беше посочено на презентацијата, според претходно направени анкети, само 15 проценти од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ прифаќаат уставни измени, додека ако ВМРО-ДПМНЕ пред изборите најави дека ги прифаќа уставните измени, би можеле да изгубат 33 проценти од потенцијалните гласачи.

– Она што го утврдивме беше тип за излезност и однесување на различните типови избори, како и гласачки места кои можат да се сметаат како сигурни, или добитни места за секоја од политичките партии. Односно, со други зборови утврдивме врска помеѓу излезноста и различни политички партии, како и дека личноста или други променливи имале многу мало влијание врз одлучувањето на изборите во минатото, а граѓаните главно гласале за политичка партија – велат од Институтот.

Во Експериментот 1 биле разгледани 10.000 сценарија според пропорции од последна достапна анкета и варијабилна излезност и процент на неважечки ливчиња (+/-10%) од сите изборни циклуси. Во Експериментот 2 се вклучени 3.000 сценарија според пропорции од последна достапна анкета и маргина на грешка од +/-3 процентни поени. Додека во Експериментот 3 биле анализирани 1.000 сценарија каде според демографија на политички партии било направено вештачко намалување на излезност и процент на неважечки ливчиња (+/-10%).

Експериментите се засноваат на неколку клучни претпоставки: Владината коалиција ќе настапи заеднички со предизборна листа, односно дека сите политички партии ќе функционираат како групи на овој начин, моделот се составува според последната анкета за која имаме податоци во целост, од декември 2023, или 6 месеци пред изборите, дека моделот се иззема од разгледувањето на сентиментот на гласачите и јавниот дискурс, дека маргината на грешка на моделот е +/-3,55%.

Во истражувањето биле вклучени јавно достапни податоци од Државната изборна комисија, Државниот завод за статистика и анкетни истражувања на јавното мислење.

Влезни податоци од ДИК биле описите на гласачките места, самите гласачки места и нивната геолокација, како и изборните резултати од сите изборни циклуси во периодот 2013-2021 година.

Влезни податоци од Државниот завод за статистика се податоците од пописот 2021 година, односно демографијата на населени места приспособена по изборни единици.

За анкетните истражувања, влезни податоци биле демографијата на политичките партии, намера за гласање и поддршката за политички партии, како и пропорциите на поддршка за политичките партии. Земени биле податоци од анкети во Институтот, како и податоци достапни од анкети на Меѓународниот републикански институт, Националниот демократски институт, и уште неколку македонски тинктенк организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот