ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА со Маја Талевска Печников и нејзините вежби, ајде да вежбаме заедно! (ВИДЕО)

Вежбањето за време на затворањето меѓу четири ѕида е многу важно. Ајде да го одржиме нашето психофизичко и ментално здравје вежбајќи по десетина минути на ден. Маја Талевска Печников, инструкторка по пилатес, има вежби за вас!

Здраво Маја, како си, како го минуваш времето во изолација?

– Сите сме засегнати од вонредната состојба и вирусот ковид 19. Сегашната ситуација налага да останеме во своите домови, следејќи ги мерките на претпазливост. Откако настана ситуацијата во истиот момент почуствував потреба и исклучителен предизвик, за пренесување на активна енергија, каде во фокус е ставено пред сè психофизичкото и ментално здравје. На тој начин во овие тешки времиња на пандемија решив превентивно да делувам во интерес на здравјето и препораките. За жал, како и повеќето спортски студиа, како сопственик чуствував одговорност да го затворам студиото BODY CONCEPT, но тоа не беше причина да не продолжам со онлајн часовите. Преку нив имам индивидуален пристап до моите верни членови, кои ме мотивираат во мојата понатамошна работа. Се трудам да го дадам својот максимум и да сум во постојана конекција со желбите на клиентите пренесувајќи една поинаква витална енергија и слух за потребите на моите клиенти и женската популација.

Се согласувам, ваквата ситуација има силно влијание на секој од нас, како што велиш, бидејќи стравуваме за нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Но тоа не е причина да не продолжиме со вежбање и во домашни услови?

– Благодарение на современата технологија и одржувањето на онлајн часовите сме во постојан контакт со сите заинтересирани, поранешни, редовни, како и нови потенцијални членови кои сакаат да се вклучат во секојдневната онлајн програма. Како долгогодишен пилатес инструктор, познавајќи ја тематиката од областа на пилатесот како и зависноста од вежбањето целосно сум посветена во организација на часовите како и редовниот тајминг кој најчесто го адаптирам според потребите и слободното време на моите клиенти. Настојувам да ги снимам тренинзите и на тој начин да бидат достапни за оние кои во моментот не можат да се вклучат и да бидат присутни на виртуелниот онлајн час.

Како да се снајдеме во домашни услови со реквизити за вежбање? 

-Вежбањето во домашни услови од ден на ден на некој начин станува интересно бидејќи не сите дома имаме соодветни реквизити, па сме принудени да се снаоѓаме со она што го имаме по дома, како импровизирани тегови, (шишиња со песок или ориз), делови од мебелот како (столче, фотеља, двосед, тросед) предмети од домаќинството како (рачка од метла или џогер, крпи), перници, врата итн.

Значи и вежбање и креативност, баш супер!

-Креативноста не престанува да изненадува, од ден на ден добиваме една уредна слика, поголем ангажман околу смислувањето на тренинзите и програмата како и придржување кон препораките. Ваквиот тип на часови ни помага полесно да ја надминеме борбата со вирусот, да го зајкнеме имунитетот и да го подобриме менталното здравје. Придобивките и бенифитите секако се во интерес на здравјето и виталноста, делувајќи прогресивно и транспарентно.

Каква порака им испраќаш на фитнес пријателите и пријателите на доброто здравје? 

-Праќам искрена порака до сите, да ги почитуваат упатствата, да останат дома, да го зголемат прагот на толеранција,  доколку се во можност да повежбаат, да се размрдаат, да прочитаат некоја убава книга, да погледнат некој филм или серија и да останат во добро здравје. Ќе биде се во ред, имајте трпение, искрено се надевам дека од целава ситуација ќе излеземе посилни и подисциплинирани, повеќе ке се почитуваме меѓу себе, ширејќи позитивна енергија и љубов. Останете сплотени, споделувајте емпатија, солидарност, одговорност и верба.

Сега, ајде заедно да вежбаме со Маја. Видеото ве води чекор по чекор во вежбите кои Маја внимателно ги одбра и ги изведува. А следната недела во 19 часот повторно ќе вежбаме заедно со нов циклус на вежби. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот