Премиера на претставата „Работи за кои не зборуваме“ во МНТ

Македонскиот народен театар ја најави премиерата на најновата претстава „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ, во копродукција на „Вондерленд театар“ и МНТ, а која ќе се одржи на 16 октомври на малата сцена.

Најновата претстава „Работи за кои не зборуваме“ на Македонскиот народен театар е авторски проект на екипата базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал. На почетокот режисерката Нела Витошевиќ прибираше лични и интимни сведоштва на луѓе што анонимно се одзваа на нејзиниот повик.

На собраниот материјал работеа заедно со драматургот Викторија Рангелова-Петровска, а се случи и процесот на кастинг за претставата, во која ќе играат актер(к)ите Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ.

– „Работи за кои не зборуваме“ е театарска претстава, која преку интимни и емотивни приказни сака да им даде глас на општествените проблеми за кои не се зборува. Преку низата вистинити приказни, во кои секој може лесно да се пронајде, претставата отвора прашања за патријархалното уредување во регионот, но и пошироко. Низ повеќе сцени инспирирани од лични монолози на актерите, анонимни искуства на лица добиени преку распишан повик, како и документарен медиумски материјал, претставата ги подвлекува/става акцент на проблемите поврзани со депресијата, траумите од детството, дискриминацијата, злоупотребата и насилството, религијата, агресијата и нетолеранцијата, како и разни психолошки проблеми и однесувања со кои поединецот секојдневно се соочува.

На трагикомичен начин претставата прави критика на балканското патријархално милје, но истовремено провоцира и разговор за промена во општеството. Публиката ќе биде вовлечена во свет на лични сеќавања кои се испреплетуваат со човечки болки, трауми, стравови и среќни моменти од животите на разни луѓе. Интимноста, искреноста и вистинитоста на сведоштвата се главно ткиво на оваа документарна претстава – посочува режисерката Витошевиќ.

Во повеќемесечниот процес на проби и собирање приказни, секој член подеднакво се вложил во истражувањето/создавањето на документарниот материјал и неговата драмска структура. Во таа смисла драмскиот текст на претставата е симбиоза на екипното создавање помеѓу членовите на екипата и сите анонимни учесници.

Сценографското решение за претставата е на Васил Христов – Вуси, а костимите ги изработи Роза Трајческа-Ристовска. Користена е музика од Крсте Роџевски, додека дизајнот на плакатот е на Борче Димитриоски. Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, со поддршка од Министерството за култура и во соработка со Македонскиот народен театар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот