Преку хуманата акција на кавадарчанецот Стаменов донирани 1.200 компјутери за шест години

Борче Стаменов , „Донирај компјутер“ / фото: Фејсбук

Акцијата за донирање на лаптопи за деца кои не можат да си дозволат лаптоп, која пред шест години ја започна кавадарчанецот Борче Стаменов, досега резултира со донирани 1.200 компјутери. Стаменов за МИА вели дека новина е тоа што тој формирал здружение со хумана цел, да се обезбеди компјутер или лаптоп за сите оние семејства коишто не можат да купат вакви уреди.

– Работам како компјутерџија и идејата за иницијативата се роди сосема случајно, кога сакав да помогнам и донирав компјутер за самохрана мајка со три дечиња. Кога другите слушнаа за тоа, почнаа да ми отстапуваат свои уреди за да ги поправам и средам, па да бидат донирани. Како растеше бројот на оние што имаа потреба од уред, особено во услови на пандемија кога се учи и се работи и од дома, така растеше и бројот на оние кои доставуваа машини кај мене, потсети Стаменов.

Иницијаторот на акцијата „Донирај компјутер” за која дозна македонската, но и светската јавност и освои бројни награди, информираше дека веќе имаат обезбедено и простории за здружението, досега проектот се спроведуваше во просторија на фирмата „Бидат информатика” во која е вработен. Стаменов додаде дека новина е и тоа што веќе почна со обука на млади практиканти и волонтери, кои се вклучуваат во акцијата, со цел да научат нешто повеќе, но и да помогнат во хуманата мисија.

– На некој начин се чувствувам како татко на сите тие дечиња кои преку оваа иницијатива, имаа можност да го остварат својот сон и конечно и тие, како и другите деца, да ја почувствуваат магијата на еден компјутер или лап топ. Имаме и такви кои ни доставуваат и други подароци, особено сега пред новогодишните празници, кои ги донираме и носиме среќа и насмевки во многу домови. А нема ништо поубаво од насмеани детски лица, истакна Стаменов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот