Предвремени избори ќе има, ама не пред време

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Предвремени избори може да се случат, само прашање е на време кога и на кого тоа повеќе ќе му одговара

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, понесен на крилата на победата на локалните избори, побара брзи, предвремени избори, „во името на народот“.
И тоа е секако легитимно барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сметајќи дека „сега му е мајката“, за конечна победа и преземање на власта. Иако тој не спомена датум кога тие би се одржале, најбргу што може според правилата е напролет, идната година.
Но легитимно е и отфрлањето на таа идеја од страна на владејачката СДСМ и нејзините коалициски партнери во Владата, на кои им е потребно време за консолидација.
Иманео се работи за две сосема спротивставени позиции кои, колку да звучи противречно, носат ризици и за двете страни во политичкото надмудрување. Не значи „априори“ дека предвремените избори и одговараат само на опозицијата, и дека на власта повеќе и се исплатат редовните.
Прво, Мицковски, заедно со своите коалициски партнери треба да размисли, дали брзите предвремени избори можат да се претворат во – избрзани.
Имено, уште истиот ден, Алијанса на Албанците „крена рачна“ за одржувањето на „многу“ брзи предвремени парлементарни избори, најмалку догодина ова време. А и вториот коалициски партнер, Алтернатива, како да беше затечена од идејата на Мицковски, велејќи дека тие допрва ќе расправаат за тоа.
Со тоа, што уште на старт „замирисаа гуртните“ на колата на ВМРО-ДПМНЕ, решена да стигне што побргу до целта.
Ако се вратиме наназад, со години, партиите секогаш кога ќе се споменат избори, се тркаат со изјавите дека се подготвени за „уште утре“ да се одржат тие, но во суштина, секогаш постои доза на резерва од исходот, па бараат доплнително време за подготовки.
Веројатно и сега нема да биде различно.
Втора причина за олабавување на темата предвремени избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде фактот дека оваа партија веќе не оди сама на избори, туку во коалиција со други две партии на Албанците, а таа коалиција сепак освои помалку гласови од владејачката.
Оттаму она, „во име на народот“ на Мицковски, се покажува дека е малку претенциозно. Сепак четири стотини илјади гласови, не се цел народ.
Трета причина за поместување на брзината на изборите е што и на ВМРО-ДПМНЕ и на партнерите, им треба дополнително време, во кое од пусија ќе чекаат владеачката коалиција да направи уште неколку грешки во периодот што доаѓа.

Власта пак од своја страна, колку и да изгледа дека набрзина ја отфрли идејата за предвремени избори, не е дека не ги анализира обете опции што и стојат на располагање.
Периодот што е пред неа ќе биде исклучително тежок, впрочем како и досега, и малку е веројатно дека ќе успее да ги надмине сите сцили и харибди на начин што ќе и гарантира подобар изборен резултат. Две ипол години до редовните парлемнтарни избори кои сакаат да ги достигнат, можеби мислат дека се доволни за да се крената од пепелта како Фенникс, но можат да бидат и малку, имајќи ги предвид предизвиците со кои ќе се соочуваат. Имено здравствената криза сè уште не завршила, а ја чека енергетска криза, ЕУ интеграциите и т.н.

Доплнително, што состојбата ќе им ја отежнува опозицијата која цело време ќе им диши во врат со истата ПР стратегија со која ги маваше досега.
Отаму, треба да размислат дали дури и добивањето датум за преговори со ЕУ, на што се надеваат, толку многу ќе ја „крене“ што ќе и гарантира победа на тие избори.
Но секако, ако тоа се случи наскоро, ќе биде значителна придобивка не само за нив, туку и за сите граѓани, поради што можеби и тие самите ќе иницираат предвремени избори.
Значи, предвремени избори може да се случат, само прашање е на време кога и на кого тоа повеќе ќе му одговара.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот