Предизборна битка за МРТВ: Бастионот на „груевизмот“ додржа до нови избори!?

ЗНМ смета дека самиот Програмски совет е нелегитимен, зашто мандатот му е истечен уште во декември 2019 година, и оттука нема право да објавува оглас и да избира нови членови на телата на МРТВ.

Програмскиот совет на МРТ ја отфрли вчера реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија и неговото барањето да се повлече огласот за избор на нови членови на Надзорниот одбор на МРТ, што го објави Советот деновиве. Претставници на ЗНМ, пак, тврдат дека ова е маневар на сегашниот состав на Советот, кој е „наследен“ од претходната власт, да ја задржи контролата врз МРТВ.

ЗНМ смета дека и самиот Програмски совет е нелегитимен, зашто мандатот му е истечен уште во декември 2019 година, и оттука нема право да избира нови членови на телата на МРТВ. Затоа ЗНМ побара огласот да биде повлечен.

„Со обидот да се изберат нови членови на Надзорниот одбор на овој начин, се прекршуваат и препораките на Советот на Европа, кои се однесуваат на гарантирање на независноста на јавните сервиси. Според овие препораки, Надзорните органи треба да се изберат без ризик од политичко или друго влијание.“ – се вели во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ потсети дека изборот на нови членови на Програмскиот совет е блокиран веќе речиси една година во Комисијата за избори и именувања во Собранието на РСМ.

„ЗНМ во повеќе наврати реагираше дека членовите на оваа Комисија мора да најдат заеднички јазик и да ги изберат новите членови на Советот. Бараме оваа комисија итно да одржи седница и да ги избере најсоодветните кандидати за Програмскиот совет како и за Советот на АВМУ со цел да се овозможи почеток на медиумските реформи во овие две институции“ – вели Здружението на новинарите.

Ведат Мемедалиу, потпретседател на Програмскиот совет на МРТВ, во изјава за „Слободен печат“ вели дека му е разбирлива реакцијата на ЗНМ, но дека не е во право. Тој се повикува на членот 43 од новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги, според кој мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ трае „до изборот на новите членови“, што, според него, би значело дека и со истечен петгодишен мандат, ова тело има право да носи одлуки.

– Според Законот мандатот ни истекува на денот кога се именуваат новите членови. Ние, пак, според статутот мора да објавиме конкурс, бидејќи во март ќе истече мандатот на членовите на Надзорниот одбор на МРТ. Законски сме принудени на тоа. Реакцијата на ЗНМ принципиелно е океј, ама според новиот Закон ние сме тука додека не се формира новиот Програмски совет – изјави Мемедалиу за „Слободен Печат“.

Според него, проблемот е во Собранието, а не кај нив, бидејќи, ако тие не изберат Надзорен одбор, МРТ нема да функционира, бидејќи тоа тело дава мислење за сите трошоци и одлуки над 10.000 евра. Без нив Програмскиот совет не може ништо да реши или да спроведе од аспект на јавните набавки и програмата.

– На шести февруари ќе ги избереме новите членови на Надзорниот одбор. Ние сметаме дека сме легитимни – вели Мемедалиу.

Реформите во МРТ се целосно блокирани веќе трета година од донесувањето на новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги, кој требаше да направи од овој медиум вистински јавен сервис. Иако ВМРО-ДПМНЕ падна од власта, неговите кадри во МРТ останаа недопирливи. Конкурсот за новите членови на Програмскиот совет беше објавен лани летото и на него се јавија 19 кандидати, но како претседавач на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски со месеци не го става на дневен ред ова прашање. Во сегашниот Програмски совет има и четири функционери кои не би смееле да бидат таму поради конфликт на интереси и главно содржи кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е тест за демократијата и тој покажува дека таа не функционира кај нас, оцени Драган Секуловски од ЗНМ, посочувајќи дека во моментот во овој Програмски совет е и Ивана Трајчевска која има функција во Агенцијата за разузнавање.

Според него, со овој потег ВМРО-ДПМНЕ си спроведува план „Б“ со кој стратегиите за јавниот сервис идната година  ќе ги блокира преку Надзорниот одбор. А, за него не е потребно гласање во Собранието со двотретинско мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот