Прдејци, Подмочани, Долно Дупени… Како настанале необичните имиња на македонските села

Во Македонија има многу села кои имаат необични имиња – Прдејци, Подмочани, Паликура, Горно и Долно Дупени, Кури Дере…

Во продолжение ви откриваме некои од легендите за настанокот на необичните имиња на овие села.

Кривогаштани

Instagram

Според легендата, името Кривогаштани потекнува од некогашната градска населба Крив Град, која се протегала од Македонски Брод (Дебреште) до Битола (Чепигово, формирана за време на доаѓањето на Јужните Словени на Балканот. Градот бил наречен според кривите, тесни и долги улици. По голем земјотрес и поплави, од тогашната населба останал само центарот, односно денешното село Кривогаштани.

Постои и друга легенда за потеклото на името на Кривогаштани според која тоа произлегува од носијата на кривогаштанци. Жителите на околните места им се потсмевале на старите кривогаштанци дека ги носеле своите „гашти“ на криво. Така населбата го добила името Кривогаштани.

Прдејци

 

Instagram

Името Прдејци потекнува од личното име Прде, Прдо, Прдан, односно од фамилијарното име Прдевци.

Подмочани

Instagram

„Од кај си ти, да не си од Подмочани што си се измочало во гаќи?”, ги прашуваат бабите понекогаш малите дечиња.

Интересното име на селото Подмочани доаѓа од составот „под моч“, што значи место што се наоѓа под мочурливо и влажно место.

Паликура

За потеклото на тиквешкото село Паликура, кое се наоѓа на височинка има две приказни. Според жителите на Паликура, името е од пред неколку века, уште од турско време. Кога доаѓал аскерот да ги гаѓа комитите на височинката со топови, се слушале команди: „Пали!“ Бидејќи Турците промашувале, селаните одозгора им покажувале среден прст или цела рака и ги провоцирале на цел глас.

Името Паликура има грчко потекло. „Палаиос“ е придавка со значење стар, а именката „хорион“ значи село, па, според тоа, Паликура е Старо Село.

Горно и Долно Дупени

Долно Дупени/Инстаграм

„Кај да се бара вечер нешто за да се омрсам, во Горно или во Долно Дупени?“, е честа шега позната уште од дамнешното минато.

Всушност името Дупени е добиено со топонимизација на етникот во множина „дупјани“, луѓе што доаѓаат од местото дупа, со значење вдлабнато место, дупка.

Кури Дере

Името на велешкото село Кури Дере значи „сув дол“ и е со турско потекло – „кури“ значи сув, „дере“ е дол.

Џидимирци

Џидимирци е име кое што го носат две села во Македонија, едно во Велешко и едно во Неготинско. Иако двете села носат исто име, настанокот, потеклото и значењето на имињата се сосема различни и настанати во сосема различни историски периоди и околности.

Велешкото село Џидимирци е постаро и за него постојат пишани записи од средновековниот период, при што во најстариот историски запис од 1573 година селото е запишано како Жидмирци, а во манастирски поменик од XIV век е запишано и како Жемирци. Според научните истражувачи името на селото означува семејна населба или задруга па не е исклучено името на селото да потекнува од личното име на некој кој бил основач или стопан на селото на пр. Жидимир кое е познато и присутно име во средновековието или пак Хаџи Димитар.

Според Бикипедиа, научните истражувања потврдуваат дека името на селото потекнува од личното име Жидимир или од топонимот Жидимир (дол, рид) што подоцна во изговорот било турцизирано при што настанал денешниот облик Џидимирци.

За настанокот на името на неготинското село Џидимирци во книгата „Тиквеш и Раец“ од 1914 од Воислав Радовановиќ, е запишано дека на левата страна на Вардар спроти вливот на Велика (Црна Река), е раселено селиштето Драдња, чиј еден дел од жителите христијани преселувајќи се под Кожуф го основале истоименото село Драдња, а близу до селиштето повторно се населило дел од неговото старо население заедно со Јуруци кои населбата ја нарекуваат Хаџи Демирли, подоцна под влијанието на христијаните преобразено во Џидимирци.

Велешкото село Џидимирци има македонско-словенско јазично потекло, кое под влијание на турцизираниот изговор го добило денешното име, додека неготинското село Џидимирци има турско јазично потекло кое под влијание на македонскиот јазик и изговор го добило сегашното име. Сето ова докажува дека настанокот и јазичното потекло на имињата се различни, но со меѓусебното влијание на двете етнички и јазични групи тие се изедначиле и го добиле истото име кое што го носат и денес.

Мокрени

Селото Мокрени, кое се наоѓа во Костурско, Егејска Македонија, е наречено по доселениците кои го формирале, а кои дошле од место викано Мокра, кое било влажно и мочурливо место.

Мрзенци

Мрзенци е гевгелиско село, а неговото име не настанало поради мрзливото население, туку по луѓето кои дошле таму од „мрзен дол“, каде што било ладно и сè замрзнувало.

Гpешница

Во околината на Скопје се наоѓа Грешница. Многумина ќе помислат дека селото го добило името бидејќи таму живеела жена која имала гревови, но во основата на овој топоним е зборот градец, или мало градче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот