Позорникари ќе се грижат за безбедноста на секое маало во Центар

Враќањето на маалските полицајци е голем чекор во зголемување на безбедноста, но и на соработката меѓу граѓаните и полицијата, тврди градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Во општина Центар се враќаат маалските позорникари. Тие ќе патролираат во секоја населба, ќе ги советуваат и заштитуваат граѓаните. Враќањето на маалските полицајци е голем чекор во зголемување на безбедноста, но и на соработката меѓу граѓаните и полицијата, тврди градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

 Маалските полицајци ќе бидат нашите нови пријатели, кои ќе се грижат за безбедноста на граѓаните. Доколку ги видите, поздравете ги и побарајте совети за лична заштита, но и споделете важни информации во однос на безбедноста во вашето маало – вели Герасимовски.

Градоначалникот имаше средба со центарци на која присуствуваа и двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје. Тој рече дека маалските патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, треба да ја зголемат безбедноста и спокојот на граѓаните. Всушност, како што нагласи Герасимовски, враќањето на позорникарите е по барање на граѓаните и реална потреба за зголемување на безбедноста.

 Враќањето на позорникарите во маалата беше барање, но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со еден до двајца позорникари што ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало, запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели заштитници – рече Герасимовски.

Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку забележат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.

Граѓаните се задоволни од овој нов потег на општинската власт.

 На времето во секое маало имаше позорникари што нè познаваа сите, кој каде живее, ги знаеја децата, ние ги знаевме нив и можевме да им се обратиме во секое време. Се чувствувавме навистина побезбедно отколку денес кога знаевме дека има некој што води грижа што се случува во маало. Имавме огромна доверба во нив. Ако верувате имаше случаи кога некое семејство ќе отидеше на одмор на маалскиот полицаец да му ги остави клучевите од домот за „не дај Боже“. Зборувам за 70-тите и 80-тите години од минатиот век – раскажува Миле, повозрасен скопјанец.

Задачата на маалскиот полицаец е да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој треба да го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот