Пожарот во РЕК Битола се случи во најлош енергетски момент

По пожарот, оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 на РЕК Битола е од поголеми размери, Фото: ЕЛЕМ

Оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 на РЕК Битола е од поголеми размери, по пожарот кој избувна ноќта меѓу петокот и саботата и тој одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем, информираа од АД ЕЛЕМ за „Слободен печат“. Нема информација колку ќе трае тој „одреден период“, а во меѓувреме дел од медиумите веќе објавија дека дефектот на транформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, што според енергетските експерти, значи дека за неговата санација ќе биде потребна најмалку една година.

Засега нема информација што ќе се случи со набавката на 900 илјади тони јаглен, кои беа наменети токму за третиот блок на РЕК Битола, дали ќе се продолжи со набавката, а јагленот ќе се складира во депониите додека да биде завршена санацијата. Инаку, наместо во декември, од следната недела со полн капацитет ќе проработи и Блок 2, во кој досега се вршеше редовниот ремонт, но како што велат од ЕЛЕМ, актуелно има потреба од негово побрзо вклучување.

-ТЕЦ Осломеј во моментот е во редовен сервис за негова подготовка за континуирано производство на електрична енергија од декември до април идната година, со 300 илјади тони набавен јаглен за кои постапката ќе финишира во следните неколку дена. Останатите капацитети на АД ЕСМ, хидроелектраните Црн Дрим, Маврово, Треска и Тиквеш,  гасната електрана Енергетика- Скопје и ветерниот парк Богданци се во функција – брифираат од АД ЕЛЕМ.

Инаку, пожарот почнал на еден од изолаторите на надворешниот трансформатор на Блок 3 и бил изгаснат со брза интервенција на противпожарните служби. Немало дополнителни хавариски оштетувања. Локацијата е обезбедена и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот. Во случаи на пожар, од безбедносни причини проработува автоматската заштита и таа  реагирала со исклучување и на Блок 1. За помалку од еден час Блок 1 бил рестартиран и вратен, и веќе работи со полн капацитет.

-АД ЕСМ најостро ги демантира сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање, со оглед на тоа што се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години. За компанијата е најважно што нема повредени лица во при настанувањето на пожарот и неговото санирање – велат од ЕСМ.

Стопанска комора за енергетика предлага „0“ данок за струја за компаниите

Пожарот кој изби на блокот 3 во РЕК Битола е последица од ненавремено и неквалитетно одржување на сите блокови во термоелектраната, вели за Локално.мк. претседателот на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков. За надминување на енергетската криза од Комората предлагаат целосно укинување на даночната стапка за електрична енергија за компаниите од 18 на 0 отсто и тоа во период од 6-12 месеци, формирање на Македонска енергетска берза, укинување на активната моќност и максиграфи во индустријата и компаниите, формирање балансна група во Мепсо, како и посебно Министерство за енергетика кое ќе раководи со енергетските случувања во земјата, но и да се подготви рестриктивен план за спас од енергетската криза.

Во очекување на конечната информација околу набавката на потребните количини јаглен, во јавноста се погласно се шпекулира дека повисоките сметки за потрошена електрична енергија, од Нова Година ќе станат реалност. Проценките на некои експерти се дека поскапувањето ќе достигне и до 20 отсто.

ЕСМ  купилa 26.000 мегавати електрична енергија за 5,5 милиони евра

ЕСМ Продажба, склучила два договори со две различни фирми за набавка на 26.000 мегавати електрична енергија кои ќе чинат 5,5 милиони евра, објави ТВ Сител.

Според договорот испораката ќе биде извршена во периодот од 7 до 20 ноември.

Цената е различна, па така дел од струјата ќе биде набавена по цена од 198 евра за мегават час, дел за 205, додека пак најголемиот дел односно повеќе од 15.000 мегавати ќе биде набавен по цена од 228 евра за мегават час.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот