Пожар избувнал утринава во селото Русиново

Пожар избувнал утринава околу 4 часот во горниот дел на селото Русиново во Општина Берово и ја пеплосал куќата на семејството Воденски.
Во моментот на пожарот, сите тројца членови на семејството Воденски успеале да излезат од куќата. Чадот од куќата го забележал соседот кој веднаш се јавил во ЕВН за да биде исклучена струјата.
-Станав утрово, слушнав викање излегов надвор и гледам дим. Се јавивме во ЕВН да се исклучи струјата, потоа дојдоа цистерни од противпожарната единица, но веќе се беше изгорено. Луѓето сега се на улица, ќе гледаме да собереме по некој денар, да им помогнеме, вели соседот Вакански Љупчо.
Семејството Воденски по пожарот е во тешка состојба.
– Моментално нема каде да одиме. Од општината ни дадоа клучеви од соба во Владимирово додека се снајдеме. Ова е се што имаме. Ни донесоа некои работи од Центарот за социјални работи, но додека се направи овде една соба во која ќе живееме, ќе биде потребна помош. Апелирам до сите хумани луѓе ако можат да ни помогнат, на било кој начин, вели Маринчо Воденски.
Противпожарната единица од Берово, денеска ги гаснеше остатоците од куќата, чиј внатрешен дел е целосно уништен.
Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и претседателот на Советот, Јован Матеничарски го посетија семејството Воденски и ја согледаа фактичката состојба, по што најавија дека општината ќе помогне со парични средства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот