Поранешните колонии му свртеа грб на Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон / Фото: EPA-EFE/GONZALO FUENTES

Претседателските избори во Франција се ближат, а Емануел Макрон се соочува со сѐ повеќе предизвици.

Бројот на претседателски кандидати се зголемува, популарноста на Макрон во земјата не е најдобра, а неговиот можен втор мандат сега е загрозен поради надворешно-политичките проблеми.

Имено, во последно време се чини дека некои поранешни француски колонии и земји каде Франција имала протекторати сѐ повеќе се свртуваат против Париз. Тоа, пред сѐ, се Алжир и Мали.

Од кратење на визите до обвиненија за геноцид

Тензиите со Алжир се зголемија по одлуката на Франција да го намали бројот на визи за работа и престој за луѓе кои доаѓаат од Северна Африка, вклучувајќи ги Алжирците, Тунижаните и Мароканците.

Имено, француските власти одлучија да ги заострат условите за добивање визи, како одмазда, бидејќи овие три земји одбиваат да ги примат своите државјани, на кои Франција не им дава престој.

Наводно, Макрон наредил бројот на испораки на визи за Алжир и Мароко да се преполови, а на Тунис да се намали за една третина.

Сепак, ова е само почеток на конфликтот. Следуваа коментарите на Макрон кои ја зголемија тензијата. Тој одржа состанок со француската и француско-алжирската младина поврзана со војната за независност (1954-1962), како што објави „Ле Монд“.

Говорејќи за прашањето за визите, францускиот претседател објасни дека идејата е „да ги изнервира луѓето од владејачката елита кои се навикнати лесно да аплицираат за визи“. Потоа тој се осврна на историјата на односите меѓу двете земји.

Според извештаите на француските и алжирските медиуми, Макрон тврди дека Алжир е управуван од „политичко-воен систем“ кој ја „препишал“ нејзината историја.

– Гледате, алжирскиот систем е уморен, тој е ослабен од Хирак, додаде тој, мислејќи на продемократското движење што го принуди Абделазиз Бутефлика да се повлече во 2019-та година, по две децении на чело на Алжир.

Во коментарите, објавени во францускиот весник „Ле Монд“, се наведува дека Макрон рекол дека оваа историја „не се базира на вистини“, туку „на дискурсот на омраза кон Франција“.

– Дали постоеше алжирска нација пред француската колонизација?, наводно прашал Макрон.

Макрон на церемонијата во Елисејската палата во чест на загинатите во војната со Алжир / Фото: EPA-EFE/GONZALO FUENTES

Макрон ја повика Турција, која ја смета за одговорна поради „дезинформации“ и „пропаганда“

– Фасциниран сум кога ја гледам способноста на Турција да ја направи улогата што ја имаше во Алжир и доминацијата што таа целосно ја заборави, додаде Макрон, пренесува „Ле Монд“.

Алжирското претседателство рече дека овие коментари се „недозволиво мешање“ во нивните внатрешни работи и дека се навредливи за сите Алжирци кои загинаа во борбата против францускиот колонијализам.

– Злосторствата на француската колонија во Алжир се безбројни и одговараат на строги дефиниции за геноцид, се вели во соопштението.

Потоа следуваше повлекување на амбасадорот од Париз на консултации, а потоа и забрана за летови на француски воени авиони над територијата на Алжир.

Ова е голем проблем за Франција, која има околу 5000 војници во регионот Сахел, јужно од Алжир, кои заедно со регионалните армии се борат против милитантните главно во Мали и Нигер.

Алжирскиот претседател Абделаџид Тебуне изјави дека ќе го врати амбасадорот кога Париз ќе покаже почит кон неговата земја.

Алжирскиот претседател, Абделбаџид Тебоун / Фото: EPA-EFE/MOHAMED MESSARA

Мали и Вагнер

Проблемот во односите со Мали е уште посложен.

Мали го повика францускиот амбасадор во земјата да изрази „огорченост“ поради неодамнешните критики на францускиот претседател против владата на таа земја, во која доминираат воени личности.

Тензиите меѓу Франција и нејзината поранешна колонија Мали се зголемија откако се покажа дека државата Сахел преговара со руските платеници на Вагнер.

Имено, Париз планира да го намали бројот од 5000 војници за антитерористичката мисија во овој регион, наведува Ројтерс. Премиерот на Мали, Чогел Маига, ја обвини Франција дека ја напуштила земјата во заедничката борба против исламистичките бунтовници.

Премиерот на Мали Чогел Маига / Фото: EPA-EFE/HADAMA DIAKITE

Францускиот претседател го отфрли обвинението и ја нарече изјавата на премиерот „срамна“, бидејќи доаѓа од лице на функција по два последователни преврати и влада која има „нула демократска легитимност“.

Како одговор на овие тврдења, Министерството за надворешни работи на Мали објави дека го поканила францускиот амбасадор да го извести за ова.

На состанокот, како што соопшти министерството, министерот за надворешни работи, Диоп, „остро реагираше на забелешките на Макрон, што веројатно ќе му наштети на развојот на пријателските односи“.

Според Би-Би-Си, јавното мислење во Мали несомнено се сврте против присуството на војниците од поранешната колонијална сила.

Осум години по доаѓањето на Французите, безбедносната криза се прошири во Буркина Фасо и Нигер, при што голем број различни групи, некои поврзани со Ал Каеда или групите на Исламската држава, шетаа низ регионот од нивните бази во пустината Сахара. Во тие конфликти загинале околу 55 француски војници и неколку стотици Малијци.

Лути од зголемената несигурност, Малијците одржуваат редовни протести против француската армија и ги обвинуваат дека не прават никаква разлика во борбата против џихадистите. Тие го нарекуваат присуство на француски војници окупација и бараат нивно итно напуштање. Многумина изгледаат среќни што руските платеници ќе ги заменат француските сили.

Кремљ продолжува да ги негира врските со платениците.

Меѓутоа, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров потврди дека Мали „се обратил до приватна руска воена компанија“ за да му помогне во борбата против џихадистичките групи.

Сергеј Лавров / Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Макрон сака помирување, но не со политичарите

Со цел да се „намалат тензиите“, Макрон минатиот петок одржа самит во Монпелје, но на него немаше високи функционери, освен самиот тој. Наместо тоа, тој покани млади африкански лидери од различни области со кои разговараше, вклучително и учесници од Алжир и Мали.

– Како Африканци, секојдневно ја чувствуваме болката од колонизацијата, рече Адел Онианго, кениски новинар, за време на панел -дискусија, обвинувајќи ја Франција дека живее во „негирање“ на своето „деструктивно минато“.

Онианго беше еден од 11-те млади Африканци кои учтиво го критикуваа Макрон за време на пленарната сесија и го повикаа да поддржи демократска обнова во земјите каде лидерите ја држат власта под „демократски диктатури“.

Макрон на самитот во Монтпелје / Фото: EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

– Престанете да соработувате со овие диктаторски претседатели, рече Чеик Фал, влијателен сенегалски блогер, барајќи од Франција да се извини за злосторствата од колонијалната ера.

Макрон одговори дека Париз рутински искажува неодобрување на политичките и воените удари на континентот и ја намалува соработката со авторитарните режими, пренесува Франс 24.

– Никогаш не сум основал воена база, доколку тоа не го побараат демократски легитимни водачи, додаде тој.

Што се однесува до колонијалното минато на Франција, Макрон рече дека „извинувањето е премногу лесно“.

– Не верувам дека можеме да се ослободиме од оваа историја. Верувам во политиката на признавање. Сакам заедно да ја прифатиме оваа вистина, рече тој.

Иако многумина го критикуваа колонијалното минато на Франција, тие, исто така, остро зборуваа за нивните влади, обвинувајќи ги дека се диктатори, што Макрон сакаше да го слушне.

Франција и нејзиниот проблем со минатото, Алжир ја обвинува за геноцид

Макрон бара „прошка” од „Харките” во име на цела Франција

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот