Поранешен српски полицаец за масакрот во Преказ: Имавме наредби никој да не остане жив

Јован Голубовиќ беше заштитен сведок на Српското обвинителство за воени злосторства во периодот од 2009 и 2010 година.

Во тоа време, тој сведочеше за настаните за кои вели дека ги видел со свои очи во војните во поранешна Југославија.

55-годишниот пензиониран полицаец, во видео кое го објави косовската Клан ТВ, го признава своето учество во тридневниот напад во март 1998 година, врз семејството Јашари во Преказ на Србица.

„Она на кое најмногу се сеќавам е дека таа акција во Преказ во населбата на Јашари не беше само употреба на сила, туку беше српско лудило. Наводно, терористот по име Адем Јашари беше обвинет дека поседува многу оружје и нашата единица мораше да изврши рација во неговата куќа и да иницира постапка доколку се пронајде оружјето“, рече тој.

„Но, од почетокот разбравме дека работите не се едноставни и дека акцијата ја наредил шефот на државата Слободан Милошевиќ преку Јовица Станишиќ, шефот на државната тајна служба.

Голубовиќ вели дека нарачката од Белград за убиството на Јашари, ја извршил Горан Радосављевиќ-Гури, шефот на српската жандармерија, кој е член на Српската Напредна Партија предводена од Александар Вучиќ.

Голубовиќ во интервјуто потсетува дека полицијата самата го испровоцирала нападот со оружје од различен калибар.

„Полициски автомобил со мегафон на албански јазик го повикал Адем Јашари да излезе и да не се спротивставува затоа што полицијата дошла да спроведе рација. Во еден момент некој почна да пука. Подоцна дознавме дека тоа бил некој од наша страна за да ја предизвика ситуацијата. Немаше истрели од куќите на Адем Јашари“

Голубовиќ вели дека во борбите во Дреница учествувал и Милорад Улемек-Легија, поранешен припадни на француската легија на странци и командант на „Црвените беретки“, обвинет за убиството на српскиот премиер Зоран Џинџиќ.

„Адем Јашари беше убиен со куршум во тилот. Користел импровизирано засолниште во подрумот на својата куќа и од таму се бранел. Бил припадник на Југословенската народна армија па затоа и поседувал воено искуство. Српската јавност не знае, но јас со свои очи видов дека грлото на Адем Јашари беше расечено“, изјави Голубовиќ

„Ги собравме телата на убиените лица во камион кој беше детално опишан на Обвинителството, кој го управувал и која е регистарската табличка. Тој камион се движеше низ населбите и беа собрани телата на убиените за да не бидат видени од новинарите. Ни беше наредено да го закопаме во селска ливада. Ги отворивме гробовите и закопавме 32 тела. Државата Србија ги даде ковчезите,“ тврди пензионираниот полицаец.

ВИДЕО | Дачиќ: Што да правиме со Србите што поткажуваат масовни гробници?

Голубовиќ останал дел од специјалната полициска единица до крајот на војната во Косово и Метохија и сведочи за многу убиства и тортури врз цивили. Тој тврди и дека ја знае локацијата на масовната гробница во јужна Србија.

Камион ладилник натоварен со над 40 тела, меѓу кои и цивили беше донесен да гори на југот на Србија во општина Сурдулица. Кремирањето не беше направено во целост и камионот беше испратен на друго место за да потонат труповите. Јас и некои луѓе точно знаеме каде е таа масовна гробница. Кога ова му го спомнав на Обвинителот, ми беше речено да не зборувам за овој случај. Не можам да умрам без да го кажам ова“ се исповеда Голубовиќ.

Тој ги обвинува сегашните лидери на Србија, претседателот Александар Вучиќ и претседателот на парламентот, Ивица Дачиќ, дека молчат за сторените злосторства затоа што, како што вели Голубовиќ „тие се дел од кастата што ја донесе целата трагедија во поранешна Југославија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот