Поради рускиот напад врз термоцентралата на Нафтогас, прекината електричната енергија во делови од Украина
Поради рускиот напад врз термоцентралата на Нафтогас во текот на изминатата ноќ, електричната енергија беше прекината во регионот Дњепропетровск и во неколку делови од Украина, соопшти денес украинското Министерство за енергетика.
Препорачано
Операторот на електричната мрежа, Укренерго, објави дека снабдувањето со електрична енергија е ограничено во седум региони, претежно на истокот од земјата, објавува Ројтерс.
Државната гасна компанија Нафтогас објави дека е погодена термоцентрала, без да прецизира за која централа станува збор, и дека нападот врз термоцентралата е продолжение на руските напади врз енергетската инфраструктура.
Раководителот на Нафтогас, Сергеј Коретски, објави дека руските сили извршиле три напади врз гасната инфраструктура на компанијата во изминатата недела.
„Во текот на изминатите седум дена, Русија масовно ја нападна гасната инфраструктура три пати. А ноќеска беше нападната една од когенерациските електрани на групацијата Нафтогас. Непријателот ги погоди постројките за производство на гас во Харковскиот регион. Пред тоа, непријателот ја таргетираше гасната инфраструктура во Сумискиот и Чернихивскиот регион“, напиша Коретски во објава на Фејсбук, пренесува Укринформ.
Тој нагласи дека сите овие објекти немаат никаква врска со воени цели и дека целта на Русија е да ја лиши Украина од гас, греење и електрична енергија во текот на зимата.
Државната служба за вонредни ситуации на Украина претходно денес објави дека цел на руските напади во текот на изминатата ноќ бил и објект на цивилна инфраструктура во Чернигов, кој бил погоден од руски дрон во текот на ноќта, по што избувнал пожар.
Главниот напад бил извршен и во градот Семеновка во Новгородско-Сиверскиот округ, каде што руски дрон погодил станбена зграда, додека вонредни прекини на електричната енергија биле воведени во регионот Дњепропетровск поради руските напади.


