Поради политизирано судство Полска мора да му плати отштета на Лех Валенса, пресуди судот во Стразбур

Полска мора да му плати отштета на поранешниот водач на полското движење на отпорот против комунистичкиот режим, подоцна првиот слободно избран претседател на Полска, Лех Валенса, за фактот што нејзиното политизирано судство му ги погази основните права, пресуди Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП).

Валенса ја тужеше Полска во Стразбур затоа што Врховниот суд на Полска, со нов правен лек, вонредна жалба поднесена од јавниот обвинител и министер за правда Збигњев Жобро, по десет години ја поништи конечната пресуда на Апелациониот суд во Гдањск од 2011 година, според која поранешниот дисидент Кшиштоф Вишковски го наклеветил Валенса дека соработувал со комунистичката тајна служба под псевдонимот Болек.

Европскиот суд за човекови права пресуди дека правото на Валенса на приватност и углед, правото на правично судење, било повредено двапати, прво затоа што, по судската реформа во 2017 година, во Врховниот суд има судии кои се избрани од политизираниот Национален судски совет и дека не е гарантирана нивната независност од желбата на владејачките партии. Вториот пат е затоа што во случајот на Валенса е употребена нова вонредна жалба која може да ги поништи правосилните пресуди доколку се наводно неправедни.

„Повредата на Европската конвенција за човекови права настана поради меѓусебно поврзани системски проблеми на неправилно функционирање на законодавството и спроведувањето во пракса во законодавната, извршната и судската власт и принципот на независност на судовите во Полска“, одлучи Европскиот суд.

Покрај тоа што Полска мора да плати 30 илјади евра на Валенса, судот во Стразбур и наложи на Полска да престане со систематско кршење на Европската конвенција за човекови права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот