Половина администрација излезе на улица, бараат поголеми плати

Протест синдикати пред собрание / Фото: „Слободен печат“/ Методиј Здравев

Конфедерацијата на слободни синдикати се закани со генерален штрајк на 3-ти и на 4 декември. Првиот човек на Синдикатот на УПОЗ и претседателката на Независниот синдикат на судската администрација многу му се налутија на вицепремиерот Фатмир Битиќи

Вработените од судската и во јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од Канцеларијата на Народниот правобранител, во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска излегоа на протест пред Собранието, од каде што ги повикаа пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог-буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите. На овој протест беше и Независниот синдикат на судската администрација и Конфедерацијата на слободни синдикати.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски вели дека штрајкот во обвинителството трае веќе два месеци, цела година има протести во судството, но во Буџетот за 2024 година нема ништо за работниците, ама има 78 проценти поголеми плати за функционерите.

– Владата има намера во најкус можен рок со скратена постапка или со европско знаме да ги измени законите за да во март, кога ќе се зголеми минималната плата, вработените не добијат усогласување со неа. Згора на сè, деновиве Фатмир Битиќи ја даде можеби најсрамната изјава, обвинувајќи ги вработените од судската администрација за незавршените предмети – рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Протест синдикати пред собрание / Фото: „Слободен печат“/ Методиј Здравев

Критики кон вицепремиерот Битиќи упатија и од Независниот синдикат на судската администрација и потенцираа дека бараат од сите пратеници да ги поддржат нивните барања и во Буџетот за 2024 година да има планиран раст на нивните плати.

– Вицепремиере Битиќи, немојте вие да се грижите што работи судската администрација и за времетраење на постапките. Судскиот совет е надлежен за нашата работа. Времетраењето на судските постапки не зависи од судските службеници. Во кој рок ќе се достави писмо, покана, или каква било доставница, зависи од судијата. Дали сè уште треба да молчиме ние судските службеници, кои извршуваме тешки и обемни работи и работиме и работи за кои не сме платени. Судските службеници бараат да си го добиеме тоа што сме го сработиле – рече Јасмина Величкова, претседателка на Синдикатот.

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски, посочи дека додатоците на плата што им следуваат со Колективниот договор биле укинати во март годинава и преговорите за мирно решавање на спорот истекуваат на 3 или 4 декември, по што следува генерален штрајк.

– Синдикатот на Судски совет при УПОЗ повторно излезе на предупредувачки протест. Причината ја знаеме сите. Како што е во целото правосудство, додатоците на плата се укинаа заради немање доволно финансии во Судскиот буџетски совет заради покачување на платите на судиите. Но, од друга страна вината, исто така, ја насочуваме и кон Министерството за финансии, кое не ги исплати додатните блок-трансакции кон Судскиот буџетски совет, иако со Буџетот од 2023 година беа обезбедени – изјави Ралповски.

Најава на нов протест доколку не се испочитува нивното барање за раст на платите, најавија и од Независниот синдикат на здравствените работници.

– Се собравме тука за да се слушне гласот на здравствените работници, административно-техничкиот кадар и техничкиот кадар за поголема плата од 30 отсто, за менување на Колективниот договор, за покачување на ефективниот додаток, за бенефициран стаж за вработените – радиолошки технолози, радиолози, вработени во рендген-институтите, лекарите и медицинските сестри – објасни Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравствени работници.

Тој рече дека имале опструкции од Клинички центар, од Синдикатот на клиничкиот центар и од Државниот синдикат, ние сепак тие дошле на протест.
Протестот на кој поддршка дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати, од пред Собранието продолжи пред Министерството за правда и заврши пред Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот