Политичките барања на Вреди исчезнаа од владината програма

ВМРО-ДПМНЕ, Вреди Фото: Фејсбук Вреди

Ќе нема измена на Уставот за Албанците да станат втор државотворен народ во земјава, Уставот нема да се отвора ниту за избор на претседател на државата во Собранието, а го нема ни ветувањето за забрана за коцкање и за брзи заеми

Клучните политички ветувања од изборната програма на коалицијата Вреди ги нема во програмата на новата влада што вчера мандатарот Христијан Мицкоски ја достави до Собранието, а викендов пратениците треба да ја гласаат.

Ќе нема измена на Уставот за Албанците да станат втор државотворен народ во земјава.
Уставот нема да се отвора ниту за избор на претседател на државата во Собранието. Во владината програма не влезе ниту ветувањето за забрана за коцкање и за брзи заеми, но и акции од државните претпријатија за сите граѓани на Македонија во вредност од 10.000 евра.

Од политичките ветувања на Вреди во програмата на идната влада е содржано барањето за правда за неправедно осудените во политички монтираните случаи, но не е прецизирано дали тоа значи повторување на судската постапка или амнестирање или помилување. Вреди бараше слобода за осудените во случаите „Алфа“ и „Монструм“, додека ВМРО-ДПМНЕ создавање правни можности за ослободување на лицата осудени во случајот „27 април“.

Арбен Таравари од коалицијата Вреди за „Слободен печат“ вели дека во владината програма е вграден голем дел од нивните програмски определби.

– Евроинтеграциите се дел од владината програма, економскиот развој, борбата против корупцијата, децентрализацијата, како и помалку казина и коцкарници и уште многу проекти за рамномерен развој и инвестиции во општините – вели Таравари.

Тој не одговори што се случи со политичките ветувања за кои лидерите на Вреди беа најгласни во изборната кампања.
За потсетување, во екот на изборната кампања Вреди и Европскиот фронт водеа вербална војна за тоа чиј е предлогот за избор на шеф на државата во Собранието и кој кому го украл предлогот. Иако на политичката агенда се добиваат најмногу гласови на изборите, сега од Вреди нема објаснување зошто се откажале од отворање на Уставот за тие прашања.
Во делот на владината програма „Владеење на право во институциите – реформи во политичкиот систем“ пишува дека македонскиот политички систем има насушна потреба од демократска реформа.

– Владата ќе ги поддржи сеопфатните дискусии во Собранието: за измени на Уставот со кои ќе се овозможи формирање на Собрание од 90 пратеници, како и системски законски реформи за воведување една изборна единица за избор на пратеници во македонското Собрание со изборен праг по примерот на други европски држави; укинување на изборниот цензус за избор на претседател во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР; укинување на техничката влада; реформи на Уставниот суд и воспоставување можност за разрешување на градоначалник“, пишува во Предлог-програмата на владата.

Наведено е и дека владата ќе направи реорганизација на министерствата, што веќе е реализирано, како и дека ќе се укине т.н. балансер при вработувањата.

Во Предлог-програмата на владата не влезе ниту ветувањето на Вреди за враќање на државните претпријатија во рацете на граѓаните.

„На сите граѓани во Северна Македонија ќе им се поделат 49 отсто од акциите на државните претпријатија, односно на секој поединец ќе се поделат акции во вредност од 10.000 евра. Овие акции ќе можат да се продаваат на пазарот, ќе донесат нова економска динамика во сите семејства, но ќе овозможат и внесување приватен капитал во овие претпријатија што носи модернизација и развој. Овие политики, кои се успешно спроведени во многу европски земји, време е да се имплементираат и кај нас – рече во време на кампањата Изет Меџити од Вреди.

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека во владината програма има дел од програмските заложби на Вреди и дека учеството во владините проекти зависи од бројот на гласовите и пратениците што ги освоиле идните владини партнери.

Предлог-програмата на владата што Мицкоски ја достави до Собранието е на 61 страница и е поделена на шест глави и тоа: Нов циклус на економски раст, Фронт против корупцијата, Владеење на правото во институциите, Функционален институционален систем, Национални приоритети и Права и слободи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот