Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

Погрешни тези или неразбрани пораки

(Повод: „Станавме ли повторно ‘бебето од катран’“, Денко Малески, „Слободен печат“, 15 ноември 2025 година)

Постулатите сврзани со „бебето од катран“, се премногу јасни. Нивното игнорирање, веројатно, значи само политички конформизам. Д. Малески, често го спомнува Роберт Фровик во позитивна конотација, а тој е еден од нашите сатрапи. Факт е дека тој беше пратен за да изврши конкретни задачи во урнисувањето на Македонија.

Фровик, првпат дојде на почетокот на 1990-тите, со очигледна задача да работи на дефинитивно затворање на „Македонското прашање“. Беше бескрупулозно агресивен. Како потсекретар во тогашно МНР (поинаку се викаше), дојдов во директен судир со него. Тој се жалеше кај Глигоров, за што бев информиран од неговите соработници. Претседателот, пак, ништо не ми замери, што значеше дека ме поддржува.

Малески напиша и книга дека Фровик, уште тогаш, му рекол дека Македонија е „дете од катран“! Пораката не можела да биде појасна! Тој зборувал во име на Вашингтон! Друг мандат – немал. Тоа е невидена навреда за Македонија, ама Малески не реагирал. Се чини дека тој не ја сфатил оваа порака? А таа е повеќе од проста – ваква, каква што е, Македонија е неприфатлива за САД!

Фровик го упатил и на Тукидит, со кого Малески се гордее и тој станал негова преокупација. Тоа воопшто не било случајно бидејќи, според неговата филозофија, силните можат да прават што сакаат, а слабите (демек, Македонија!) – што мораат! Не е јасно дали Малески ја сфатил и оваа порака?

Која е пораката?

А, пораката за детето од катран, не била единствена за Малески. Самиот ни кажа дека, на почетокот на ноември 1992 година, тој и Глигоров биле во Вашингтон, на разговори во Белата куќа („Иглбергер до Глигоров: Ги изгубивме изборите“, „Фокус“, од 24/4/2025). Разговарале со државниот секретар, Лоренс Иглбергер, и со Брент Скокрофт, советник за национална безбедност на Џорџ Буш, постариот. Советникот за национална безбедност е највлијателна личност во САД, после претседателот, и е креатор на надворешните политики.

Според Малески, Скокрофт – „… отпочнува разговор за промена на името. Вели дека многу држави го сториле тоа и прави мала пауза по мојот коментар дека – ‘сите до една тоа го сториле од своја добра волја, а не под принуда’“. Скокрофт, сепак, заклучил – „Тоа се прави кога е во прашање опстанокот на една држава“! За да нема забуна, Малески додава – „Мислејќи на опстанокот на Македонија“! Тогаш, јас без потсекретар, втор човек во Министерството предводено од Малески, бидејќи заменик-министер – немаше, и немав поим за овој разговор, и за пораката на Скокрофт. Тоа беше тајна! Така не се прави држава!

И оваа порака апсолутно не е случајна, а уште помалку лична. Во неа е содржана трајната американска политика дека – Македонија мора да се прекрсти! А тоа, неизбежно, значи и промена на националниот идентитет на Македонците! Поточно, нивно бришење. Таа политика, којашто и денес упорно се спроведува, сигурно е прецизно утврдена уште пред распадот на Југославија.

Не само преку овие факти, туку и со многу други, и на политички аматери веќе мора да им биде јасно дека Атина и Софија се само алатки во рацете на Вашингтон. Сега гледаме дека Грција воопшто не беше главна во блокирање на признавањето на Македонија, и на нејзиниот пат кон Брисел, со уцените за името. Во процедури за кои имаше и свој интерес, Атина само ја играше својата улога. Сега е јасно и дека Грција не нѐ прекрсти. Ни кажа Скокрофт! Во СБ на ООН, Атина немаше никакви капацитети нелегално и силеџиски да ни го суспендира уставното име, и да ни ја наметне референцата. Така започнаа сите наши голготи. Таму е коренот и од Нивици.

И Софија не е носител на нашата бугаризација, иако е тоа нејзин стар интерес. Потврда се – Фровик и Скокрофт. А, тој што нѐ прекрстува, мора некаде и да нѐ смести. Не може да (о)станеме – зомби! Бугаризацијата е единствена опција, со што целосно се затвора и – „Македонското прашање“!

Дека сето ова е чиста вистина потврдува и следното, коешто никој не може да го оспорува. Признавањето меѓу државите, воспоставувањето на дипломатски односи и размена на амбасадори е чиста – техника. Се разбира, ако нема (политички!) проблеми и пречки. И, што се случи со САД? Македонија ја признаа речиси две години по Словенија, Хрватска, та дури и Босна и Херцеговина, со кои за неколку месеци воспоставија дипломатски односи, и веднаш им пратија и амбасадори. Нас, пак, со дипломатски односи нѐ „удостоија“ по три години, а амбасадор ни испратија по четири години. Демек, „со огромни симпатии за македонската мирољубива политика“, како што тврди Малески, и со ракатка војници, без никакви овластување – САД беа на наша страна!? А државата не ни ја признаваа, што би била основна и клучна поддршка! Со непризнавањето, САД им порачаа на сите (соседи!) – Македонија не е потврдена држава.

Навалете! Впрочем, зошто не нѐ признаваа? Заради Грција? Да не бидеме баш толку наивни. Ракатката војници, пак, во никој случај не беше порака против агресијата од Грција, како што смета Малески, туку за Милошевиќ, да не се меша кај нас. Со тоа се бранеа албанските и бугарските интереси во земјава, а не македонските.

Фровик ни дојде и за време на војната

Инаку, сосема случајно, просто да не веруваш, ама Фровик повторно ни дојде во 2001-та, за време на војната! Каква коинциденција – тој го донесе и Охридскиот рамковен договор (ОРД), со кој се растури македонска држава. Кој знае како му се нашол документот при рака којшто, најверојатно, бил подготвен уште пред да започне војната, како „План Б“? И, ново изненадување! Тој ги поврза терористите на ОНА, како ги нарекуваше генсокот на НАТО, Робертсон, со лидерите на ПДП и ДПА. Албанците во Македонија, предводени од овие две партии, до тогаш немаа поим кој и зошто води војна за нивните човекови права?! Необично, нели? „Благодарејќи“ токму на Фровик, се дојде до „Призренска декларација“ којашто, за да не биде очигледно, стана исчекор кон ОРД.

Основна задача на политичарите и дипломатите е да ги примаат и дешифрираат пораките на надворешните фактори, и според нив да ги градат своите политики. Кај нас, не е така.

Малески е во право дека нема простор да бараме „креативност“ во ЕУ. Ама причина за тоа се нашите претходни капитулации, направени на сметка на сопствените фундаментални интереси. Не е точно дека имаме некаква омраза кон Бугарија, а факт е дека нивната – блика врз нас. Излез од сегашниот ќорсокак е откажување на вториот протокол со Бугарија, со што отпаѓа погубниот ултиматум за промена на Уставот, како и катастрофалната преговарачка рамка, со која Македонија нема никогаш да влезе во ЕУ. Без реципроцитет, Македонија не смее да внесе Бугари во Уставот!

Соработка со опозицијата е неопходна, ама таа е невозможна без нејзино дистанцирање од огромните, историски грешки. Впрочем, единствено така СДСМ може да воскресне. Инаку, го чека судбината на ПАСОК.

(Авторот е поранешен дипломат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот