Поетската збирка „Сега ти стануваш јас“ од Д.А. Лори ќе има промоција во МКЦ

Насловна корица на книгата

Книгата „Сега ти стануваш јас“ од поетесата Д.А. Лори, во издание на „Чудна шума“, ќе биде промовирана на 25 ноември, во 19 часот, во Младинскиот културен центар (фоаје на кино „Фросина“). Промоцијата на делото ќе ја водат Снежана Стојчевска и Ана Голејшка Џикова.

– Најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д. А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“, ги интригираше читателите кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните кои авторката ги објавуваше на инстаграм сториња. Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си. При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека „Секој секому огледало“, дека секој се гледа себеси во другиот или, пак, дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме – посочува Снежана Стојчевска, рецензент на книгата.

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 26.10.1974 во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде го поминува остатокот од детството и средношколските денови. Во 1993 се сели во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее во Скопје, каде работи како професор по англиски јазик.

Песните на Д.А.Лори за првпат се објавени во „Букбокс“, по што следи соработка со издавачката куќа „Блесок“, за која, во 2014, ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“.

По пауза од три години, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитник е на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019 година, која награда го овозможи излегувањето од печат на нејзината четврта книга „Ќе фатит бран“.

Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на „Словокулт“, онлајн магазин за уметност и литература, и „Fixpoetry“, германска платформа за литература на интернет.

Поезијата на Д.А.Лори е, исто така, објавена во монографијата на „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“.

Долорес Атанасова-Лори е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово“, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“. Во 2020 за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во првите пет номинирани за наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува за најдобра книга од едни до следни Струшки вечери на поезијата. Досега е преведена на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански јазик. Во 2023 година излезе нејзината петта поетска збирка „Сега ти стануваш јас“ во издание на „Чудна шума“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот