Почнува пријавувањето на штетите од поплавите во Кочанско

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа за силен и голем град во Општина Лозово и дека во Тетово некои улици, одредени подвозници и пониските дворови беа речиси целосно поплавени, како и подрумите и приземјата на повеќе куќи. Дожд имаше и во Скопско.

Од денеска, па во наредните десет дена ќе трае пријавувањето на штетите кај земјоделските површини и во домаќинствата од поплавите во Кочанско што минатата недела беа предизвикани од обилните дождови.

Во локалната самоуправа се одржа работна средба на која градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев со претседателите на месните заедници и со претставници на земјоделците од најпогодените села Горни Подлог, Долни Подлог и Грдовци ги договараше можностите за обесштетување.

-Ние сме подготвени да им помогнеме на луѓето со мерки за ублажување на последиците од невремето, за што веќе имаме комисија која ќе прави проценка на штетите. На средбата заклучивме дека мора заеднички да бараме начини за ефикасно справување со ситуацијата, но и да работиме на понатамошно отстранување на причините што доведоа до излевање на водата и поплавувување на нивите и домовите. Овде пред сè мислам на подигањето на јавната свест да не се исфрла шут и друг отпад во одводните канали. Секако дека одговорност за причините кои доведоа до поплавите не треба да се бара само кај граѓаните, туку и кај институциите, но во моментот најважно е да им помогнеме на земјоделците и на домаќинствата кои претпреа најголема штета, истакна градоначалникот Илијев.

На состанокот во Општината земјоделците посочија и на узурпацијата на земјиштето околу и во каналите за наводнување и одводнување, поради што тие се со намален капацитет и не можеле да ја приберат надојдената вода.

И од Општина Чешиново-Облешево информираа дека е активирана Комисијата за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди, при што граѓаните треба да достават пријава со копија од имотниот лист и од личната карта.

Проценките се дека за едно деноноќие, меѓу 6 и 7 август, во кочанскиот регион наврнале околу 130 литри на метар квадратен, а водата се излеа во земјоделските површини и направи стопроцентна штета кај градинарските култури, но и во домаќинствата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот