Почнува 13. Биенале на млади уметници со тема „Страст за лутање“ во МСУ

На 13. Меѓународно биенале на млади уметници ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Од 150 пристигнати апликации, кураторскиот тим на МСУ избра над 30-ина уметници. Отворањето на изложбената поставка на 13. Меѓународно биенале на млади уметници ќе се случи на 19 мај, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај, публиката е поканета да ги погледне делата на млади уметници што ќе бидат изложени во Природонаучниот музеј, додека на 21 мај ќе се случи отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај, со почеток во 13 часот.

Сите настани во различни институции ќе бидат придружени со музичка програма на која ќе настапат со свој диџеј сет Мартина Пенева, aka Thesaur, Еми Ермилова и џез-составот „Светлост“. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… меѓу нив, уметници со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и Италија. Биеналето ќе се прошири вон архитектурата на МСУ, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и кон непознатото, и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.

Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“ е во организација на Музејот на современата уметност – Скопје и како мултидисциплинарен настан е еден од значајните од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачката генерација уметници и куратори.

– Биеналето го насочува вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња на локалната и интернационална уметничка сцена, има за цел да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација, и создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена. Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес што ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста – потенцира директорката на МСУ, Мира Гаќина.

Терминот /ˈwɒndəlʌst/ значи да се патува бесцелно од место до место. Кога ќе се тргнеме настрана целта на патувањето, било заради туризам или работа, останува чиста форма на движење, како основна функција на целиот живот и енергија. Под притисокот на живеењето како фиксни субјекти на капитализмот принудени сме да произведеме вредност што може да се потроши. Да се троши енергијата бесцелно е да се живее во непочитување на овој системски погон, да не се следи кодот на логиката на капиталот. Така, желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација… го оправдува идејното значење и суштина на насловот на биеналето, Артан Садику, еден од кураторите на биеналето.

– Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост. Затоа што она што го цениме како уметност секогаш е чин што означува пауза, прекин и пукнатина во она што е веќе дадено во нашиот адаптиран сетилен систем. Во потрага сме по уметноста што не го репродуцира значењето на сегашноста. Ја сакаме уметноста којашто го навестува она што во сегашната состојба на знаење е неотповикливо. Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење. Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички – објаснува Садику.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 80, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот