Почина „заборавениот“ скопјанец Михајло Арсовски, пионер на дизајнот и поп-културата во Хрватска и Југославија

Михајло Арсовски, скопјанецот за кој малку скопјани знаат, граѓаните на Загреб се уште го доживуваат како есенција на градскиот живот, творецот на хрватскиот дизајн, зачетникот на поп-културата во Хрватска во 60-тите години.

Тажен ден во Хрватска откако одекна веста дека еден од најбитните луѓе кои придонесоа за развојот на современиот дизајн и одиграа клучна улога во едукацијаата на многу млади дизајнери во Хрватска во 80-тите години (како познатите Мирко Илиќ, Дејан Кршиќ, Никола Ѓурек) –период кога во Хрватска никој не се занимавал со соодветна едукација посветена на типографијата– почина вчера на 83-годишна возраст.

Големиот уметник Михајло Арсовски, инаку роден во Скопје, ги кршел стереотипите, гласно се противел на тогашното комунистичко општество, ретко се појавувал во јавноста. Тој исто така не давал интервјуа, не се појавувал на врачувањата на наградите за животно дело, а сите фотографии и снимки од него најчесто се случајно направени.

Во 2008 година, кога бил поканет да ја прими наградата за животно дело што му ја доделило Хрватското дизјанерско друштво, која била проследена со негова ретроспективна изложба, едноставно одговорил:

– Награди за живото дело се даваат на тие што се сметаат за отпишани, а јас со тоа не се согласувам- изјавил тогаш кусо за хрватскиот весник „Национал“.

– Не ја сакам таа изложба и нема да одам на отворањето. Не сакам ниту да ме фотографираат, не сум веќе млад и убав како во времето кога ме фотографираа како 25-годишник на брдо, додека бев на работна акција. Молам да не ме забележуваат, тоа ми е најдраго. И ги молам пријателите да го почитуваат мојот став – завршил Арсовски.

За среќа, македонската јавност имаше можност да проследи изложба на плакати од врвниот дизајнер во 2017 година. Арсовски беше првиот автор од циклусот „Заборавените“ македонски уметници. Циклус имаше за цел „да го истакне значењето на македонските уметници кои придонеле за формирање на уметничката сцена надвор од Македонија, а за жал, до денешен ден, не се доволно застапени, ниту им е оддадена почитта што, секако, ја заслужуваат.“

Кој бил Михајло Арсовски?

Михајло Арсовски е роден на 9 јули 1937 година во Скопје, во фотографско семејство, левичари, кое по Втората светска војна се сели во Загреб.

Веќе кон средината на 60-тите години создава свој препознатлив визуелен јазик со спојување на колажот, фотомонтажата, типографските цитати, често потенцирајќи го токму пикторалното и визуелното влијание.

Тој е еден од најавтентичните пионери на графичкиот дизајн од 60-тите години, признат по своите смели визуелни решенија, чија иновативност може да се препознае и денес кај дизајнерите во Хрватска.

Со спојот на слики од високата и поп културата тој е, секако, зачетник на постмодернизмот во графичкиот дизајн. Неговиот опус се карактеризира со изразен личен став, отпор кон конвенционалните решенија и храбра критичкадистанца од тогашната актуелна ликовна сцена.

Влијанија

Од една страна, во 50-тите големиот наплив на уметноста на плакатот, како мејнстрим и субкултура што се развиваше и покрај притисокот на комунизмот во Полска, а, од друга страна, појавата на поп културата во САД, секако, беше императив за големдел од уметниците во тогашна СФРЈ да креираатимпресионирани од новите бранови.

Појавата на тотал дизајнот во 60-тите години како систематска методолошка форма на дизајнот, интегративно дејствуваше кај Михајло Арсовски (влезници, покани,плакати, ентериерно уредување), водејќи се од личните доживувања и потреби, за да ја обликува уметничката сцена.

Плакатите на Арсовски

Плакатот како уметничка форма, е дело на улицата, таму припаѓа. Плакатот го достигнува својот апогеум на паноата низ градот, наменски поставените бетонски блокови и тарабите.

Но, во сето тоа шаренило плакатот треба да биде функционален за да дојде до израз неговата улога, тој мора да привлече, насочи, заинтересира определена група луѓе и да допре до пошироката маса.

Плакатот мора да информира, едуцира, да изнуди воздишки, да побуди определени емоции.

Плакатот е игра на знаци, симболи, пораки… тука Арсовски демонстрира една сериозност во таа игра, наметнувајќи стилски форми, фотомонтажа, колажирање, но и смели типографски решенија, преку игра на согласки и самогласки.

Во неговите плакати се забележува влијанието и на швајцарскиот стил, играта со белината, односно таканречниот „white space”, како и влијанието на полската школа, особено во театарските и филмските плакати.

Секако, Арсовски во тоа време не морал да се наметнува со својот израз како таков, како што денес дизајнерите имаат потреба да се наметнуваат и да се борат за што поголем визуелен шок. Но, од друга страна, тој нудел доста интригантни решенија, и комплетно неочекувани поврзувања на зборови, букви и знаци.

Во неговата игра, се проткајува и експресивноста на боите, обликувајќи ја целокупната содржина, инспириран од поп културата на 60-тите години, преплетувајќи ги во колоритни плакати. Овие елементи се забележливи во делата издвоени во оваа колекција.

Арсовски работел и како дизајнер на неколку книги, графички мапи, корици за плочи, магазини, во кои раскошната експресивна типографија ја надополнува со строги функционални решенија, што претставуваaт едни од најголемите дострели во локалниот дизајн. Неговите идејни решенија за театарот Загреб, чиј опус брои над 200 плакати,во кои за првпат со примена на тотал дизајнот успеал да го изгради визуелниот идентитет на театарот.

Неговото решение за весникот „Поп експрес“ (1969 г.) го навестува идниот графички јазик на весникот за култура, што ќе се појави во текот на деведесеттите.

Во толкувањето на неговото дело настануваат потешкотии поради неговиот ироничен и негативен
став кон сопственото дејствување.

Според Јасна Гаљер, авторката на неговата монографија „поединечни негови дела се во депоата на музеи и приватни збирки, но не постои систематизиран каталошки попис, сиромашна е и расположливата фактографија, а многу од неговите дела во меѓувреме и се изгубени што придонесува за потешкотиите со кои се соочува денес историјата на уметноста.”

Михајло Арсовски одиграл клучна улога во едукацијата на многу млади дизајнери во Хрватска во 80-тите години, меѓу кои Мирко Илиќ, Дејан Кршиќ, Никола Ѓурек и др., период кога во Хрватска никој не се занимавал со соодветна едукација посветена на типографијата.

Големиот уметник кој ги кршел стереотипите, гласно се противел на тогашното комунистичко општество, ретко се појавувал на изложбите во кои биле застапени неговите дела, ја одбил наградата за животно дело во Загреб, заслужува да му ја оддадеме сета почит, благодарност за визијата што ја имал, и ветување дека нема да биде заборавен.

– Македонската уметничка сцена може и треба да научи како да го надградува својот курикулум на уметнички и едукативен план, како основа за поинакво развивање. Арсовски дома е идеја што лично ја имав зацртано пред себе во 2014 година.

Нејзината конечна реализација во МСУ ме прави дополнително горд, бидејќи на овој начин се испишува поновата историја на Музејот, во склоп на новоотвореното одделение за архитектура и дизајн, што ќе понуди музеолошка обработка на дела од областа на дизајнот и архитектурата и нивно соодветно третирање. Никогаш не е доцна…, напиша македонскиот графички дизајнер, професор и курарор Лазе Трипков кој е главниот „виновник“ што делата на овој голем креативец имавме чест да ги воочиме во нашиот Музеј на Современата уметност во 2017 година.


Биографијата е преземена од каталогот Плакати / Posters – Самостојна изложба на Михајло Арсовски во Музејот на Современата уметност, Скопје / 26.04-26.05.2017. Текстот е напишан од познатиот македонски графички дизајнер, професор и куратор Лазе Трипков.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот