Победата на екстремната десница ќе биде „пораз“ за проширувањето на ЕУ

Протест против АфД во Германија / Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Годинава ќе се води битка со времето за да се обезбедат значајни политички одлуки од ЕУ и нејзините земји-членки за зајакнување на политиката за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, оценува за „Слободен печат“ поранешниот амбасадор на ЕУ, Ерван Фуере.

Дали Европската Унија во 2024 година „стана на погрешна нога“, е прашањето што си го постави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на почетокот на годинава. Може да се шпекулира на што точно мислел кога ја спомена „погрешната нога“, но „погрешни нозе“ има за повеќе прашања во Унијата, а секое од нив може да се толкува како клучно.
Едно од тие прашања кои ќе се одразат на комплетната слика за ЕУ и пошироко, секако е подемот на екстремната десница во Унијата, и од аспект на Европејците и од аспект на македонските аспирации за членство во Унијата, ако се знае ставот на десничарите за проширувањето.

„Станувањето на погрешна нога“ во однос на подемот на десничарите почна одамна пред прашањето да си го постави Мишел. Лидерот на италијанската крајно десна партија Лега, Матео Салвини, на пример, лани повика на соработка со европските „Народњаци“ (ЕПП) за да се „ослободи Брисел“ од оние кои „нелегално го окупираат“. Но, тој не е единствениот. Идејата за голема европска националистичка алијанса неколку пати е споменувана за време на мандатот на актуелниот состав на Европскиот парламент (ЕП).

Споменувањето е една работа, а факт е дека екстремно десничарските партии се во пораст низ цела Европа. Многу европски аналитичари сметаат дека ваквиот тренд е поттикнат од чувството на губење на идентитетот и реагирањето на граѓаните против зголемувањето на миграцијата и скапите климатски политики. Токму затоа лидерите на десницата во ЕП велат дека не се изненадени од последните анкети кои покажуваат голем раст на нивните пратеници.

Страв од поевроскептичен Европски парламент од кога било досега

Аналитичарите, пак, стравуваат дека идниот Европски парламент веројатно ќе биде попријателски настроен кон Русија, помалку „зелен“ и „поевроскептичен“ од кога било досега.
Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, оценува дека подемот на крајно десничарските партии низ Европа е реална и присутна опасност, особено во сегашното безбедносно опкружување со Путиновата Русија којашто ја фрла својата темна сенка врз целиот континент. Кога станува збор за процесот на европската интеграција, според него, треба само да се набљудува однесувањето на „стандардниот носител“ на овие десничарски елементи, унгарскиот премиер Виктор Орбан, за да се сфати колку се опасни овие случувања и за вредностите на кои се заснова овој процес уште од основањето на Унијата.

– Подемот на таквите партии, и доколку некоја од нив добие улога во европското владеење, ќе има директно влијание врз агендата за проширување на ЕУ. Овие десничарски популистички партии, како онаа на Марин ле Пен во Франција, или партијата на Герт Вилдерс во Холандија или Алтернатива за Германија (АФД) во Германија, иако се разликуваат, сепак се обединети во нивните ставови за имиграцијата и проширувањето за кое веруваат дека само ќе ги зголеми опасностите од масовно движење на имигрантите низ континентот, вели Фуере за „Слободен печат“.

Притоа, тој потсетува дека Орбан, иако го поддржува пристапот на Западен Балкан во ЕУ (но не и Украина), тоа го прави чисто од тактички причини за да може, како што вели, да ја всади својата верзија за тоа како треба да продолжи европската интеграција низ тој регион, што значи целосна контрола на медиумите, сузбивање на културната и академската независност, маргинализација на граѓанските организации, антиимиграција…

Ерван Фуере / СП. архива
Ерван Фуере / Архива на Слободен печат

Со оглед дека ова е година на избори, без разлика дали се работи за Европскиот парламент или на друго место во и околу ЕУ, како што проценува Фуере, ќе се води битка со времето за да се обезбедат значајни политички одлуки од ЕУ и нејзините земји-членки за зајакнување на политиката за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.

– ЕУ не смее да губи време или да дозволи изборите да ѝ го одвлечат вниманието од исполнувањето на своите ветувања и обврски кон Западен Балкан, вели Фуере и предупредува дека неизвесноста на изборното опкружување во однос на континуитетот на политиката нуди плодна почва за Путин „да ја замати водата“ и да предизвика големи нарушувања преку тактики за дезинформација и други злобни активности по кои е познат неговиот режим.

Пендаровски: Обединета Европа не е приоритетен проект на десницата и популистите

На прашањето што ќе значи јакнењето на десницата во ЕУ за проширувањето, претседателот Стево Пендаровски кусо одговара „се знае што ќе значи“.

– Десницата и популистите во Европа ја немаат обединета Европа како проект, највисоко на својата политичка агенда. Сите тие се во еден значаен дел евроскептици, сите тие се антимигрантски движења и низ таа призма нѐ набљудуваат и нас на Балканот, вели Пендаровски во изјава за „Слободен печат“.

Стево Пендаровски/Слободен печат: Фото/ Слободан Ѓуриќ

Тој се повикува и на процени дека јакнењето на десницата и популистите после европските избори нема да биде толку големо за да ги поремети и позициите на двата големи блока во ЕП. Но додава дека е неспорно оти десницата и популистите ќе бидат многу посилни отколку што се денес.

– Тоа значи многу побројни евроскептични гласови во ЕП и во повеќе европски држави. Значи сигурно не ни оди во прилог. Тоа што ние не успеавме да го смениме Уставот до декември е друга работа. Не попусто странците велеа сега има прозорец на можности, а тоа се однесува на новиот геополитички контекст со руската инвазија во Украина која го направи поургентно и интегрирањето на Западен Балкан во Европа. Но исто така мислат и на претстојните европски избори на кои се очекува поинаква дистрибуција на места и моќ во ЕП во насока кон евроскептиците, вели Пендаровски.

Просторот за проширување не е целосно ограничен

За промена на односот на силите во ЕП говори и Малинка Ристевска Јорданова експерт за ЕУ и поранешна директорка на Институтот за европска политика. Според неа, во моментот во подем е крајната десница, но не и десницата на Центарот, која е во благ пад. Сепак, симулациите по скорешните истражување на јавно мислење покажуваат дека двете партии на крајната десница би добиле речиси четвртина од пратениците на ЕП, што би била досега најголема нивна застапеност во овој дом.

– Тоа не би ја оневозможило „коалицијата од нужда“ каква што е сегашната на Европската народна партија, Социјал-демократите и Обнова на Европа (за кои се предвидува дека ќе имаат по пет, десет или петнаесет пратеници помалку), но значително би го сменила односот на силите, вели Ристевска Јорданова.

Но, факт е дека присуството на поголеми политички крајности ќе го отежне поставувањето и спроведувањето на приоритетите на Унијата, а уште повеќе постигнувањето согласност за реформите во ЕУ, потребни за проширувањето.

Малинка Ристевска Јорданова / Фото: Слободен печат / Методиј Здравев

Значајно за проширувањето, вели таа, е влијанието што ваквиот развој ќе го има врз јавниот дискурс и целата атмосфера во јавноста што се создава со нараснатиот евроскептицизам и популизам, што не е поволна клима за проширување.

А нејзиниот аргумент дека сликата не би била црно-бела, ниту пак, просторот за проширување целосно ограничен е тоа што позициите на крајната десница не се монолитни во однос на проширувањето, но и во однос на поддршката за Украина. Па така, на пример, полската и италијанската крајна десница се за проширување кон Украина и Западен Балкан, што не е случај со нивни колеги од некои други земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот