По топлото политичко лето, Македонија ја чека жешка политичка есен

Фото: Слободен печат, Драган Митерски

Македонија во наредните три до четири месеци ќе треба да ја започне и заврши процедурата на промена на највисокиот правен акт доколку земјава сака да го продолжи евроинтегративниот пат според роковите предвидени во францускиот предлог. Тоа е плански приоритет на актуелната власт, која, преку работната група во Собранието во најкраток можен рок ќе се обиде на терен да обезбеди двотретинско мнозинство за менување на Уставот и ја убеди јавноста во исправноста на процесот за државата.

Ваквата состојба за опозицијата, пак, отвора можност за актуализирање на вечните барања на секоја опозиција а тоа се барањата за предвремени избори како што велат тие за конечен излез од актуелната политичка состојба во која е западната земјава.

Имајќи ги предвид дека овој месец е предвиден за одмор на пратениците во Собранието се поставуваат дилемите дали народните избраници но и политичарите ова лето нема да заминат на одмори токму поради интересот на граѓаните и европската иднина на земјава. Дали одморот им е заслужен, но и кои ќе биде нивниот ангажман околу уставните измени во пресрет на есента?

Додека претседателот на Собранието Талат Џафери се сомнева дека уставните измени за кои инсистира владејачкото мнозинство, набрзо ќе се најдат пред пратениците во парламентот, а препукувањата меѓу власта и опозицијата се на сите страни, од владеачката СДСМ велат дека ова лето нивните активности ќе продолжат во Собранието без одмор а истото тоа ќе го прават и на терен со разговор со граѓаните.

СДСМ е постојано на терен со граѓаните, рамо до рамо со народот стана одлика на партијата и така планираме да продолжиме и во иднина. Активностите на партијата не се поврзани со една тема туку зборуваме за континуитет. Процесот на уставни измени е значаен за продолжување на европскиот пат на земјата и тоа не е процес на една партија туку широк, општествен и институционален процес. Во оваа насока СДСМ може да каже дека ќе направи се за процесот да биде успешен и да продолжиме по европскиот пат и да станеме земја членка на ЕУ до 2030 година. Очекуваме одговорност од сите политички субјекти и општествени чинители – кратко одговорија од владеачката СДСМ, дополнувајќи дека работната група за уставните измени во Собранието ќе работи и без ВМРО-ДПМНЕ ова лето.

Од друга страна, пак, паралелно со работата на власта, и опозицијата се „фали работно“ и во деновите што следуваат ќе се готви и политички „пржи“ на различни начини за интересот на граѓаните.

– Поради политичката ситуација далеку сме од одмор. Со проектот „Ова е Македонија“ посетивме преку 700 места изминатиот период низ земјава. Влегуваме во процес на анализа на собраните информации и податоци каде потоа ќе се носат одлуки како резултат на заклучоците. Дополнително продолжуваат и состаноците со месните комитети, а се по извесно е дека ќе продолжиме и ова лето со акцијата „Ова е Македонија“ – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека предвремени избори се опција засега која останува да биде актуелна. Опција која ќе биде и вовед на жешките политички случувања оваа есен, откако од владејачката СДСМ им беа одбиени сите нивни предлози за уставните измени.

Анализирајќи ги однесувањето и дејствувањето на опозицијата, но и на власта, домашните експерти деновиве коментираат дека жешката политичка кујна на политичарите е само веќе виден рецепт преку кој единствено ќе се држи будно потенцијалното гласачко тело и ништо повеќе.

Познавачите на политичките случувања во земјава велат дека во Македонија власта никогаш не ја слушнала опозицијата ниту, пак, опозицијата ја поддржала власта, и на тој начин сите креативни идеи за доброто на народот се губат во стегите на политичките „готварски“ битки на водечките партиски кујни.

-Наспроти работното лето на политичките функционери, кое многуверојатно ќе биде претворено во политички нов натпревар и афери со многу повеќе вербализам отколку суштина, на граѓаните оваа есен како и низа години наназад нема да добијат ништо ново и досега невидено за нивните очи. На граѓаните потребно им е политичко единство и ледерство за вистинско подобро утре за Македонија во рамките на ЕУ – вели политикологот Милан Стефановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот