По повеќе од две декади, вистината за 9/11 помеѓу теориите на заговор и лажните вести

Нападите од 11 септември 2001 година/ Фото: EPA-EFE

Светот ужасно гледаше како терористичките напади на 11 септември 2001 година убија речиси 3.000 луѓе кога киднаперите на Ал-Каеда урнаа патнички авиони во кулите близначки во Њујорк, Пентагон и во едно поле во Пенсилванија. Тоа беше најсмртоносниот напад во историјата на американско тло и смени многу – од безбедноста на аеродромите преку ширењето вести и дезинформации до заканата од тероризам и ситуацијата во Авганистан.

Дваесет и две години подоцна и покрај сите добиени информации, во САД и натаму постојат теории на заговор за тоа кој стои зад терористичките напади, дали е убиен лидерот Осама Бин Ладен но и дали Америка сама ги изврши нападите за да може да отпочне војна на Блискиот Исток во обид да ги наполни своите резерви со нафта.

Од друга страна дел од светските медиуми сè уште пишуваат дека вистината за нападите сè уште стои скриена меѓу теориите на заговор, митовите, лажните вести но и манипулативните содржини кои за многумина, особено роднините на загинатите во страшниот настан се болни и денеска поради фактот дека тие се убедени оти многу податоци од американската држава се кријат од јавноста од засега непознати причини.

Но, во исто време интересно е што и по повеќе од две децении по кобниот ден 11 септември 2001 година, таканаречената „војна против тероризмот“ останува да биде неразбирлива за многумина, иако САД заедно со своите сојузници постигнаа важни победи, а се случија и низа промени. Талибанското движење во Авганистан, кое беше симнато од власт во 2001 година во заедничка мисија на САД и сегашната авганистанска влада, повторно е бунтовничко.

Во Ирак, по инвазијата предводена од САД во 2003 година што го симна од власт Садам Хусеин, и граѓанската војна која се закануваше дека ќе ја распарчи земјата, сега ослабе. Но, стабилна влада и безбедност за сите граѓани сè уште остануваат далечни цели кон кои треба да се стреми земјата. И во самата Америка, чувството на олеснување затоа што земјата проживеа две децении без да биде мета на голем терористички напад како да се меша со разочарувањето од економските, политичките и индивидуалните трошоци од глобалната војна против мистериозниот непријател, пандемијата а сега и со случувањата во Украина.

Точноста на вестите кои ги добивавме тогаш немаше кој да ги провери

На 11 септември 2001 година, откако првиот авион го погоди Светскиот трговски центар, луѓето главно беа залепени за своите телевизори – или слушаа радио – за да ги добијат најновите вести за нападите. Денес, тие два медиума се оттурнат од другите средства и платформи. Вестите сега брзо се шират преку веб-страници, платформи за социјални медиуми, пораки преку мобилни телефони.

Постери со исчезнати луѓе во терористичките напади од 11 септември 2001 година / Фото: EPA/TANNEN MAURY

„Тогаш, платформите за социјални медиуми не беа широко прифатени, а кој дури знаеше што е тоа твит во време кога повеќето луѓе сè уште се потпираа врз своите домашни телефонски услуги“, напишаа Дарел Вест и Никол Тарнер Ли од Институтот Брукингс во Вашингтон, додавајќи дека тогаш имаше проблеми светот како информациите да се проверат во истиот момент.

„Но, безбројните платформи ја отвораат вратата за дезинформации на оваа тема. Замислете само на злобата што може да се создаде за напад како оној на 11 септември за време на социјалните медиуми. Веднаш, ќе се шпекулираше за тоа што се случило и кој е одговорен“ – наведува РСЕ во анализа на оваа тема.

Теории за заговор за нападите во Њујорк присутни и денес

Дополнителен интересен факт е дека и по толку години заговарачите на тези и митови се се уште актуелни во светот. Големите светски медиумски куќи низ годините објавуваа стории, филмови па дури и листа на митови и лаги кои беа пласирани за нападите во САД.

Денеска многумина велат дека ако се погледне снимката од ударот, ќе се види дека зградите се демолирани, а за тоа да се стори не е потребна голема количина експлозив, туку да се постави експлозивот на вистинските места. Така, се верува дека некој имал голем пристап во двете згради и многу време за тоа да го изведе. Но, за оваа теорија се поставува прашањето: Зошто биле потребни авионите?

Фото: Профимедиа

Истрагите утврдија дека е јасно оти структурите на зградите биле ослабнати поради пожарот предизвикан од авионите и паднале поради колапсот на подот. И покрај тоа, луѓето одбиваат да веруваат во таа верзија.

Некои роднини на оние што го изгубија животот тој ден уште се обидуваат да добијат основни докази и информации од властите. Студија од 2016 година покажува дека повеќе од половина од Американците веруваат дека владата крие информации за нападот на 9/11. Некои податоци недостигаат, а некои делови од извештаите на американската влада со години биле редактирани и манипулативно соопштувани во јавноста.

Други сметаат дека владата намерно оставила да се случат нападите, па дури и дека била вмешана во нивното планирање. Експертите велат дека дел од ваквите теории на заговор е и резултатот што луѓето го слушаат – дека мала група на луѓе користи слабо оружје за да предизвика таква катаклизма. Природно е кога нешто важно ќе се случи, луѓето да сакаат да слушнат објаснување, велат експертите. Често, официјалните објаснувања се недоволни и незадоволувачки за луѓето, па затоа доаѓа до низа верзии и создавање теории на заговор, кои си ги споделуваат лицата што имаат исто или слично мислење за одредената ситуација.

Теориите на заговор биле тема на неколку книги и филмови. Конфузијата и хаосот од 11 септември 2001 се зголемија и со колапсот на уште една зграда во Менхетен истиот ден – „ЊТЦ7“. Оваа кула беше главниот фокус за луѓето што го поставуваа прашањето: „Што се случува?“ Таа зграда не беше погодена од авион, па така 2 авиона и 3 згради доведуваат до низа прашања.

Би-би-си објави дека „ЊТЦ7“ се распаднала 20 минути пред да се сруши зградата. Според некои извештаи и анализи, зградата се срушила откако имало пожар на повеќето подови.

И покрај сите добиени информации, многумина, особено роднините на загинатите во страшниот настан, сè уште ја бараат вистината за 9/11 верувајќи дека многу податоци се кријат од засега непознати причини.

Дали Ал-Каида воопшто има врска со нападите?

САД и повеќето влади ширум светот долго време ја обвинуваа Ал-Каеда за настаните на 11-ти септември, 2001-та година. Некогашниот лидер на терористичката мрежа, дури и ја презеде одговорноста за нападите.

Но, изминатите две децении, некои лица тврдеа поинаку. На пример, доколку на веб-страниците за пребарување внесете „9-11“, еден од петте избори на листата е – заговор за „9-11“. Еден од најбизарните теории на заговор досега е обвинување дека САД се нападнале самите себе си или пак дека Израел ги извел нападите во договор да се дискредитираат муслиманите.

Осама бин Ладен и Ајман ал Завахири
Фото: EPA/AUSAF NEWSPAPER EDITORIAL USE ONLY

Во 2008-та година, научници од Програмата за меѓународни политички однесувања споровеле анкета со луѓе во 21 земја ширум светот, прашувајќи ги за нивното мислење кој стои зад нападите од 11-ти септември 2001-ва. Одговорите го изненадиле директорот на Програмата, Стивен Кул.

„Само половина од нив имале мнозинско мислење дека Ал-Каида е некако инволвирана. Дури и меѓу земјите како нашите НАТО сојузници, немаше мнозинско мислење, во некои случаи, и преку две третини мислеле поинаку. Значи она што имаме овде е недостаток на консензус во светот по ова прашање“, вели Кул.

Оние со воопшто понегативен однос биле помалку склони да веруваат дека Ал-Каеда ги извела нападите, вели Кул. Грим Банермен, поранешн член на Сенатската комисија за односи со странство, вели дека верува оти откритијата на студијата би биле поинакви веднаш по нападите на 11-ти септември.

„Сметам дека на почетокот остатокот од светот неж поддржуваше. Како сите тогаш да беа Американци. Дури и луѓето кои во нормални услови не би биле најдобар пријател. Со вас сме, ве разбираме низ што минувате, беше односот“, изјави Банермен.

Тој сепак додаде дек САД загубиле многу оваа таканаречена „добра волја“ кога отпочнаа војна во Ирак, земја која според повеќето верувања не беше вмешана во септемвриските напади.

По американско-ирачката војна негативното однесување кон САД во муслиманските земји значително се зголеми. Во 2008-та мнозинството изпитаници во земјите од Блискиот Исток, рекле дека или Ал-Каеда не била одговорна за нападите од 11-ти септември или дека не знаат кој стои зад нив.

Според истражување на Центарот Пју годинава, мнозинството муслимани врз кои биле спроведени анкетите и натаму не веруваат дека Арапите се одговорни за нападите.

Експертите додаваат дека можно е подобрување на ситуацијата. Според нив, повлекувањето на американската армија од Авганистан и помалото инволвирање во муслиманските региони, комбинирано со зголемена трговија и помош, можно е да резултира со промена на однесот кон Вашингтон, со шанси да се тргнат настрана некои од побизарните теории за терористичките напади врз САД од 11-ти септември, 2001-та година.

Сепак многу медиуми денеска кога навршува 22 годишнината од нападите се уште тврдат дека манипулативни содржини и невистини присутни на интернет ја искривуваат глобалната слика кога станува збор за терористичките напади извршени врз САД во 2001 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот