По многу кавги и превирања усвоен буџетот на Битола за 2024 година

Фото: Васка.М.Младеновска, усвоен буџетот на Битола за 2024 година

По неколкучасовна дебата и меѓусебни партиски препукувања за тоа што е направено во изминатата и што ќе се направи во престојната година, советниците го изгласаа предлог буџетот на Општината Битола за 2024 година. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласаа “За”, од Левица беа против, а советниците на “Поинаку” гласаа воздржано. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на седницата рече дека буџетот ја содржи развојната компонента и дека сите политички партии што партиципираат во Советот треба да работат за напредок на Битола.

„Секогаш сум отворен за конструктивна соработка, но,од друга страна никогаш нема да дозволам да се прави театар со институцијата градоначалник. Кога станува збор за отчетноста, Општината Битола е водечка општина во државата по отчетност и транспарентност и граѓаните добро знаат дека неколкупати сме биле прогласувани за лидери по транспаретност од релевантни институции“, рече на денешната седница на Советот на Битола, градоначалникот Тони Коњановски.

Советничката на СДСМ Мирјана Захариевска-Ралевска го обвини Коњановски дека за две години од неговиот мандат како градоначалник, потрошил 70 милиони евра, а видлив капитален проект во Битола како што рече таа не постои.

„Кружниот тек кај Ветеринарната станица е згрешен. Оваа општинска власт само од инает го упропасти проектот “Смарт фор ју ту” за да не се направи споменичната целина со Офицерскиот дом. Се гледа хаосот во секој сегмент од општественото живеење на Битола“, критикуваше советничката на СДСМ, Мирјана Захариевска-Ралевска.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски се пофали дека во 2024 година, Општината Битола под водство на Коњановски предвидува да реконструира 45 улици, Битола да добие нови паркинг простори, нови спортски терени и да бидат поставени спортски реквизити. -Развојната програма исто така е доста обемна благодарение на сите советнички групи што партиципираат во Советот- рече на седницата советникот Бојан Бојкоски. Борче Корлевски, советник на СДСМ рече дека очекувал подобра комуникација кога се креираше буџетот за 2024 година и според него овој буџет не содржи развојна компонента.

„Претходно се случија три ребаланси, некако се изгуби довербата, и во овој буџет за 2024 година има финансиски средства за голем број квантитативни проекти и оттука реално се поставува прашањето дали тие проекти и воопшто ќе се реализираат, бидејќи ќе имаме изборен циклус и други проекти што ќе се поклопуваат и не ќе може адекватно да се реализираат“, ја предупреди локалната власт, советникот на СДСМ Борче Корлевски.

Претседателката на Советот Габриела Илиевска од независната листа на “Поинаку” потсети дека седниците на Советот се пренесуваат во живо, благодарение на проектот за зајакнување на општинските совети со средства од УНДП, ама на интернет страницата на Општината, нема информации за работата на Советот.

„Морам да ја информирам јавноста дека ниту една одлука од Советот, не е објавена на официјалната интернет страница на Општината Битола иако во минатата година овој Совет за кој се вели дека “блокира” донесол 230 одлуки од кои 90% беа едногласни донесени“, рече на денешната седница претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска и му порача на градоначалникот Коњановски дека како советничка група “Поинаку” нема повеќе во иднина да му поставуваат советнички прашања.

Текст и фото: Васка.М.Младеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот