Пијанистот и композитор Гордан Спасовски доби награда за најдобра композиција на натпревар во Холандија
Македонскиот пијанист и композитор Гордан Спасовски победи на Меѓународниот натпревар за биг-бенд композиција, што го организираше џез-оркестарот „Милениум“ од Холандија. Овој оркестар постои 40 години, а во него свират холандски и германски музичари.
Препорачано
Финалето се одржа во градот Зволе, а „Милениум“ ги изведе трите номинирани композиции пред композиторите, публиката и меѓународното жири. Победникот доби парична награда од 3.000 евра. Другите двајца финалисти беа Бернард ван Росум и Крис Милер од Холандија.
На натпреварот учествуваа композиции на автори од Јапонија, САД, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Србија, Германија, Финска, Швајцарија, Холандија и од Македонија.
Гордан Спасовски (35) е пијанист, композитор и аранжер. Член е на Националниот џез-оркестар. Во 2021 година беше финалист на Меѓународниот натпревар за биг-бенд композиција во Хелсинки.
Минатата година на Скопскиот џез-фестивал Спасовски беше прогласен за најдобар џез-музичар во Македонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 319, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.2.2026)


