Петте кратки филмови ќе бидат прикажани во киносалата на „Вардар филм“

Пет женски филмски визии за инспиративни регионални приказни се дел од проектот „Кадар-на“

Во рамки на проектот „Кадар-на“ („Her Frame“), на 29 октомври во киносалата на „Вардар филм“ во Скопје, со почеток во 14 часот, ќе се одржат проекции на пет регионални кратки филмови, дел од нив во режија на учеснички на програмата. После проекциите планирано е да се одржи Q&A сесија со авторките на филмовите.

Филмовите кои се дел од проектот се: „Сенките на месечината“ (2025) – во режија на Тина Величковиќ; „Река“ (2024) – во режија на Угљеша Ранисављевиќ, продуцентка Милена Бркиќ; „Кутии“ (2023) – во режија на Ангела Димеска; „Интермецо“ (2021) – во режија на Вишња Сретеновиќ“; и „Северен пол“ (2021) – во режија на Марија Апчевска.

Проектот „Кадар-на“ го спроведува ИФФК „Браќа Манаки“ заедно со Филмскиот фестивал Нови Сад, во организација на Културниот центар на Нови Сад од Србија, со цел да инспирира нова генерација жени во креативните индустрии и да придонесе за родовата рамноправност на Западен Балкан, како поддршка на иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор. За таа цел беше отворен повик за менторска програма за млади филмски работнички кои сакаат да се усовршат. По приемот на многубројните пријави од целиот Западен Балкан, избрани беа 16 млади филмски режисерки и медиумски уметници во подем да учествуваат во програмата „Кадар-на“.

Во текот на програмата, учесничките работат со водечки професионалки од филмската индустрија преку онлајн-работилници, мастер-класови и индивидуално менторство. Покрај тоа, присуствуваа и на конференциите што се одржуваа како дел од филмските фестивали во Нови Сад и во Битола.

Во последната фаза, избраните учеснички ги претставија своите проекти пред менторите преку pitch-сесии, па врз основа на овие презентации, беа избрани четири финалистки на програмата „Кадар-на“, кои продолжија да ги развиваат своите проекти преку индивидуални, менторски работилници.

Четирите финалстки се: Ивона Ѓорѓиовска Кузманоска со менторката Сања Поштиќ (сценарио за анимирани филмови), Тина Величковиќ со менторката Драгана Тешиќ (продукција и дистрибуција), Ангела Димеска со менторката Дина Дума (режија) и Вишња Сретеновиќ со менторката Бојана Андриќ (кинематографија). Проектот „Кадар-на“ ќе заврши во Нови Сад во средината на ноември, со презентација на четирите проекти пред поширока јавност.

Проектот е поддржан од Британскиот совет во рамките на иницијативата „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансирана од Европската Унија. Програмата има за цел да го поттикне регионалниот дијалог преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социо-економско влијание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот