Перо Антиќ и официјално деветти претседател на МКФ

Македонската кошарка доби нов лидер во поранешниот капитен на репрезентацијата, Перо Антиќ. Беше единствен кандидат за претседател на Федерацијата, откако Владимир Темелковски вчера ја повлече кандидатурата, а денеска Петар Наумоски одлучи да не бара нов мандат.

Откако се овозможи кворум за гласање, Антиќ доби поддршка на денешното Изборно Собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на кое беше единствен кандидат. Поради тоа, делегатите на изборното собрание едногласно со мнозинство гласови „За“ го избраа Антиќ да биде деветтиот претседател на МКФ.

Видлива беше разликата, т.н. контра меѓу расположението на Петар Наумоски и оние кои што беа на местата околу Перо Антиќ. Скоро целосна незаинтересираност за точките на дневниот ред, целосно фокусирани само на моментот да се избере новиот прв човек на македонската кошарка.

Во една прилика Наумоски дури и упати критика, забелешка кон присутните како „неподготвени на час“, скоро сите воздржани за точките, дури и се поднесе предлог за промена на точките на дневниот ред, веднаш да се гласа за нов претседател, но тоа не помина.

– До Кандидатска комисија пристигна една кандидатура со 15 номинации, онаа на Перо Антиќ – изјави Саша Богдановиќ, член на кандидатската комисија.

Антиќ, кој беше предложен од 15 членови, а поддржан од речиси сите, ќе биде деветтиот претседател на Куќата на кошарката, по Благоја Самакоски, Зоре Темелковски, Јордан Камчев, Горан Рафајловски, Леонид Гајдаџиев, Драгољуб Арсовски, Даниел Димевски и Петар Наумоски. Веднаш по изборот, Антиќ побара период од 15 дена за формирање на Управниот одбор и Надзорниот одбор на Федерацијата.

– Со добра програма, сите заедно треба да работиме, а тука ги сметам и медиумите, постепено ќе ја вратиме кошарката каде што заслужува да биде и каде што и е местото. Чекавме да помине најтешкиот дел и сега одиме чекор по чекор. Приоритет ќе бидат младите, заживување на кошарката и враќање на репрезентативните успеси – изјави Антиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот