Пендаровски за „Слободен печат“: Не е ограничување на слободата на медиумите ако се повлечат парите за оние кои не работат за европските вредности

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски на вчерашната прес-конференција го поддржа ставот на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп за Судскиот совет и за состојбите во судството генерално, како и одлуката за прекин на програми за поддршка на институции за кои смета дека не работат во интерес на европските вредности, а се финансирани од страна на холандските даночни обврзници.

Одговарајќи на новинарски прашања, Пендаровски рече дека би сакал да види и други амабасади во Скопје да ги повлечат своите проекти и парите кои ги даваат, не само за Судскиот совет туку и за некои невладини организации и медиуми кои, како што кажа, очигледно сите овие години наназад работат со европски пари, а против Европа.

„Претседателот Пендаровски го поддржува ставот на холандската амбасада за одлука за прекин на програми за поддршка на институции за кои смета дека не работат во интерес на европските вредности, а се финансирани од страна на холандските даночни обврзници“, ни изјавија од кабинетот на претседателот.

На прашањето дали неговата изјава за повлекување на европски пари за невладините и медиумите кои не работат во интерес на европските вредности значи и ограничување на слободата на медиумите од кабинетот велат дека не е ограничување бидејќи истите се обврзале на промоција на европските вредности преку програмите на кои работат

„Претседателот не смета дека е ограничување на слободата на медиумите или ограничување на работата на невладините организации, доколку одреден донатор реши да ја прекине поддршката на проекти финансирани од страна на европските даночни обврзници, ако смета дека одредени организации, институции или медиуми не работат во интерес на европските интеграции на земјава, а истите се обврзале на промоција на европските вредности преку програмите на кои работат“, велат за „Слободен печат“ од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски вчера на прес-конференцијата кажа дека „овој Судски совет прилично се избрука во јавноста и во таа насока е коректна изјавата од холандскиот амбасадор да повлечат еден проект кој требаше да се спроведе со Судскиот совет“.

Според него, со Судскиот совет има поголем проблем отколку проблемот со двајцата судии кои тој ги предложи за членови на Советот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот