Пендаровски по консултации со Ковачевски и Османи ќе пресече дали ќе го потпише указот Димовски да замине за амбасадор во Париз

Стево Пендаровски претседател на РС Македонија / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Шефот на државата Стево Пендаровски ќе изврши дополнителни консултации со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи околу тоа дали ќе даде виза ексдиректорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, да замине за амбасадор на Македонија во Франција, велат за „Слободен печат“ од кабинетот на претседателот на државата.

„Независно од фактот што Република Франција пред неколку месеци даде агреман за поставување на Виктор Димовски за амбасадор на Република Северна Македонија во Париз, претседателот Пендаровски смета дека поради најновиот развој на настаните потребно е да се направат дополнителни консултации со кабинетот на премиерот и Министерството за надворешни работи“, велат за „Слободен печат“ од кабинетот на Пендаровски.

Премиерот Ковачевски на новинарско прашање не прецизира дали случајот со македонското државјанство за контроверзниот олигарх Олександр Онишченко ќе ја одложи или забави процедурата Димовски да замине за амбасадор во Париз. Ковачевски топката ја префрли во Собранието и кај претседателот Пендаровски.

Премиерот не сакаше да коментира дали Владата избрза со изборот на Димоски за амбасадор додека трае истрагата за тоа кој треба да понесе одговорност за случајот „Онишченко“.

„Кога ќе заврши од соодветните институции истрагата, тогаш ќе може да се коментираат наводите за тој случај. Поставувањето на амбасадори е процедура која вклучува повеќе институции. Што се однесува до Владата таа постапка е завршена, во однос на понатамошниот тек на постапката да се обратите до Собранието и претседателот на државата“, изјави премиерот.

За тоа, пак, зошто Владата за нов директор на АНБ именува лице кое работело токму во секторот во АНБ за меѓународна соработка и со НАТО-партнерите, кој беше посочен како одговорен за пропустот за државјанството на Онишченко, Ковачевски реферира на биографијата на новиот директор Милошевски и за неговите обуки дома и во САД.

Дали скандалот Онишченко ќе го искомлицира заминувањето на Димовски во Париз ќе биде појасно откако во Собранието ќе има епилог за случајот и откако Обвинителството ќе се произнесат за извештајот на МВР.

„Ова тука нема да заврши, седницата не е затворена, точката не е заклучена, во следниот краток период повторно ќе свикаме седница со цел мистеријата Онишченко конечно да добие епилог“, порача претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на безбедносните служби Љупчо Пренџов откако на продложението на седницата не дојдоа ниту доскорешниот директор на АНБ Димовски, ни новоименуваниот Милошевски.

Пренџов порача дека одговорност во АНБ за случајот со македонското државјанство на Онишченко мора да се утврди.

Тој кусо време по отворањето ја прекина седницата бидејќи во отсуство на претставник од АНБ кој требаше да реферира за случајот Онишченко, пратениците од власта и од опозицијата немаа за што да расправаат.

Претседателот на Комисијата како неодговорно го оцени однесувањето на вработените во АНБ, поради отсуството на нејзин претставник на седницата.

-Од 1990-те години па наваму имам чувство дека без исклучок Агенцијата, а претходно и со други имиња наместо Агенцијата повеќе да се грижи за безбедноста на граѓаните имам чувство дека тие со дејствијата прават граѓаните да се чувствуваат небезбедно во своја држава. Неодговорно е однесувањето никој да не се појави на оваа седница, имајќи предвид дека граѓаните се тие кои плаќаат и за плати и за вработени и за логистика на сите јавни функционери вклучувајќи ги и вработените во АНБ- рече Пренџов.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика го чека епилогот од Комисијата за надзор за да закаже седница на која Димовски ќе реферира за амбасадорската функција.

Седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, која беше затворена за јавноста поради класифицираните материјали, почна на 18 ноември, но остана незавршена и беше суспендирана од претседателот на Собранието, поради безбедносен пропуст, кога дел од отчетот на довчерашниот директор, Димовски за случајот одеше тонски на јутјуб-каналот на Собранието.

Инаку, во врска со случајот „Онишченко“ Владата му го поништи државјанството Украинецот, а претходно како што известија дел од медиумите поведена е постапка за суспензија на двајца вработени во АНБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот