Пендаровски: Да живееме едни со други во фер држава со еднакви можности за сите

Дискриминацијата е една од најголемите закани за човековите права и слободи, а наша обврска како земја која има аспирации да биде дел од меѓународните организиции на евроатлантските демократии е да овозможиме ефикасно и неселективно спроведување на законот, како и што доликува на едно отворено и демократско општество, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација насловена „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“.

Пендаровски во обраќањето се повика на анкетата на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која покажува дека ни е потребен значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за подобрување на состојбите.

Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги.

– Посебно треба да нѐ загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, пред сѐ и најчесто поради недоверба во системот. Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани, рече Пендаровски.

Причините за дискриминацијата ги има повеќе, а, како што вели, ги знаеме и ги живеееме сиве овие години. Од стереотипите и стравот од различните од нас, повеќедецениската партизација на институциите, етнизација на политиката и намалената доверба на граѓаните во државните структури, на локално и на централно ниво.

– За драстично редуцирање на системската дискриминација, неопходно е таа да биде адресирана од повеќе агли. Централна улога во овој процес има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто за нецели три години разгледа стотици претставки и донесе свои одлуки и мислења. Потребно е сите надлежни институции, вклучително и на прво место, политичките фактори, да ѝ дадат целосна поддршка на Комисијата да работи непречено и со полн капацитет, додаде тој.

Според него, спречувањето и заштитата од дискриминација не е обврска само за Комисијата, туку и на секоја државна институција која треба да даде пример во таа насока.

Минатата година, Кабинетот на претседателот со Комисијата потпиша Меморандум за соработка, со цел, да ги координираат активностите за заштитата, и целосното и еднакво уживање на човековите права и слободи за сите граѓани на Северна Македонија.

– Сите ние се раѓаме слободни и еднакви со вродено човеково достоинство. Водени од принципите на правдата и правичноста да се стремиме да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи. Да живееме едни со други независно од нашите разлики, во фер општество и фер држава која ќе понуди еднакви можности за исполнет, среќен и достоинствен живот за секој од нас, рече Пендаровски.

Конференција е организирана во рамки на проектот „Борба против дискриминација преку поддршка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“ со поддршка на Британската амбасада Скопје, а реализиран од Центарот за управување со промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот