Пелоси продолжува со барањето на импичмент за Трамп, мнозинството Американци се сложуваат

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска ќе продолжи со чекорите за спроведување на постапката за импичмент против претседателот Доналд Трамп, потврди синоќа спикерката на Домот, Ненси Пелоси, во писмо до демократските конгресмени.

„Утре изутрина”, напиша Пелоси, „треба да биде поднесена резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го собере и мобилизира Кабинетот за активирање на 25-от амандман за прогласување на претседателот за неспособен за извршување на должностите”.

„Го повикуваме потпретседателот да одговори во рок од 24 часа”, напиша Пелоси уште во писмото.

„Потоа, ќе продолжиме со донесување закон за импичмент”, додаде таа.

„Заштитувајќи го нашиот Устав и нашата демократија, ќе дејствуваме итно, бидејќи овој претседател претставува непосредна закана за двете”, потврди спикерот на Претставничкиот дом.

„Како што одминуваа деновите, хоророт од актуелниот напад врз нашата демократија извршен од овој претседател е интензивиран, а, исто така, бара и наша непосредна акција”, се додава во писмото на Ненси Пелоси до демократските конгресмени во Претставничкиот дом.

Мнозинството Американци сметаат дека претседателот Трамп треба да биде отповикан од функцијата пред новоизбраниот претседател Џозеф Бајден да положи заклетва, на 20 јануари, а две третини го сметаат за лично одговорен за насилниот упад во Капитол, се наведува во денеска објавената анкета на Еј-Би-Си њуз и Ипсос.

Според истражувањето на јавното мислење, 56 проценти од граѓаните сметаат дека претседателот треба да биде отстранет од функцијата пред официјалното пренесување на власта, што ќе следи за помалку од две недели, додека 43 проценти од испитаниците велат дека не треба да дојде до тој чекор.

Меѓу оние кои велат дека Трамп не треба веднаш да се смени, речиси половината (45 проценти) сепак сметаат дека неговите постапки од изминатата недела беа погрешни.

Отповикот на актуелниот претседател пред истекот на неговиот мандат ги подели Американците по партиска линија, со 94 проценти од демократите и само 13 проценти од републиканците кои го поддржуваат ваквиот потег.

Мнозинството независни пратеници, 58 проценти, исто така, се за отповик на Трамп.

Според анкетата, 67 проценти од Американците вината за немирите од средата, во кои загинаа пет лица, директно му ја префрлаат на Трамп.

Истражувањето покажа дека 52 проценти од испитаниците веруваат дека тој сноси голема одговорност, додека само 15 проценти навеле дека кај него нема вина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот