Педесетина дела од Трајче Чатмов ќе бидат изложени во Бифе „Тафталиџе“

Сите изложени дела се насликани на хартија

Во неформалната културна установа Бифе „Тафталиџе“ на 19 мај (петок), во 20 часот, ќе биде отворена „мала (по формат), скромна (лажно скромна), но интересна“ изложба на слики, скици и цртежи од сликарот Трајче Чатмов.

Трајче Чатмов е роден 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класа на професор Рубенс Корубин. Магистрира на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов.

Своето прво самостојно излагање Чатмов го имал непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата во Охрид во 1997 година, во рамки на „Охридско лето“, и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар.

До сега имал десетина самостојни изложби во државата, а учествувал и на повеќе меѓународни групни изложби. Неговите изложби, главно, се поставувани во галериски простори, а овие денови своите дела ги претставува во еден неформален културен простор. Деталите за изложбата во кус разговор ни ги откри Трајче Чатмов.

На чија иницијатива се поставува изложбата во Бифе „Тафталиџе“?

– Иницијативата беше обострана, моја и на Сашо Шотаровски, секако во еден неврзан муабет. Веќе имав видено како изгледа поставка во тој простор и ми се допадна, па така немаше многу дилеми.

Што за тебе значи излезот од класичниот галериски простор?

– Јас, во суштина, сакам алтернативни простори кои не се класични галериски простори, сакам простори кои ја немаат камерноста, едноставно доживувајќи ја и уживајќи во слободата која ја имаат и ја нудат. Во нив се чувствувам некако комотен, без норми и ограничувања, секако освен просторни.

Каков е изборот на изложените дела во кураторска смисла?

– Делата кои ќе бидат изложени во оваа поставка се слики, скици и цртежи, сите настанати во последнава година и заеднико за нив воедно е и што сите се на хартија. До сега ваква поставка не сум направил, па ќе видам, поточно ќе видиме сите како ова ќе излезе.

Што публиката треба да очекува на отворањето на изложбата?

– Публиката на оваа изложба со сигурност можам да кажам дека прво што може да очекува е непосредноста и контактот, којшто во суштина и го нуди овој простор. Ќе има 40-50 дела и, секако, очекувам и верувам дека ќе има прекрасна атмосфера, која е поврзана токму со овие алтернативни простори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот