Павле Трајанов предлага со закон да се формира специјална агенција по примерот на хрватски УСКОК

Предлогот се чита и како барање за ново Специјално јавно обвинителство, Фото: МИА

Секое решение, предлог, идеја, кои може да значат унапредување на антикорупциските политики и зголемување на ефикасноста на борбата против корупцијата и организираниот криминал, треба да се разгледаат и да се видат нивните предности и слаби страни, вели Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење.

Ѝ треба ли на Македонија посебно тело за борба со криминал и висока корупција по урнек на хрватскиот УСКОК (Канцеларија за сузбивање корупција и висок криминал), особено по скандалите со генералните секретари на Владата и забелешките во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за случаи на сериозна корупција во владините редови.

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска смета дека идејата за „македонски УСКОК“ треба да се разгледа, но клучно е институциите да се ефикасни и со нив да раководат луѓе со интегритет. Владините партнери СДСМ и ДУИ молчат, додека нивниот коалициски партнер од Демократскиот сојуз Павле Трајанов предлага со закон да се формира агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција.

Предлогот на Трајанов се чита и како барање за ново Специјално јавно обвинителство, откако претходното, предводено од Катица Јанева, доживеа фијаско, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева заврши зад решетки поради корупција. Наспроти ова, УСКОК зад решетки ги испрати хрватскиот експремиер Иво Санадер, како и министри и градоначалници.

Грковска: Клучно е ефикасното функционирање на институциите

– Секое решение, предлог, идеја, кои може да значат унапредување на антикорупциските политики и зголемување на ефикасноста на борбата против корупцијата и организираниот криминал, треба да се разгледаат и да се видат нивните предности и слаби страни. Меѓутоа, клучно во целиот процес е професионалното и ефикасното функционирање на институциите кои мора да бидат составени од луѓе со интегритет, без разлика на тоа која политичка гарнитура е на власт. Стејт департментот ги препознава политиките на Владата во насока на справување со корупцијата и во својот Извештај посочува дека Владата презема чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите што извршиле злоупотреба или учествувале во корупција – вели Грковска за „Слободен печат“.

Таа додава дека Владата останува на определбата да реализира ефикасни антикорупциски политики и мерки, кои значат унапредување и зајакнување на капацитетите на надлежните институции.

Трајанов уште при преговорите со премиерот Димитар Ковачевски за составот и програмата на новата влада предложи да се донесе закон за агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. Драфт-верзијата на законот предвидува агенцијата да работи на откривање тешки облици на организиран криминал, тешки кривични дела извршени од функционери. Како тешки кривични дела се сметаат делата чија вредност надминува 100.000 евра, како и делата со кои се поткопува економската стабилност на државата.

Директорот треба да го бира одбор од 15 експерти

„Агенцијата да го открива скриениот имот на носителите на високи државни и политички функции, како и на други лица инволвирани во тежок криминал, да ги координира активностите на сите институции надлежни за откривање и спречување на тешки облици на криминал (МВР, АНБ, АР, Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, УЈП и др.), да постапува по барања на ДКСК. Агенцијата треба да има законска обврска оперативно да истражува и спречува злоупотреби при јавните набавки со вредност поголема од 300.000 евра“, пишува во драфт-верзијата на законот.

Замислата агенцијата да ја координира и да ја насочува работата на другите институции што работат на откривање тешки случаи на организиран криминал и да им дава стручна помош. Агенцијата може да задолжи друга институција да обезбеди одредени информации или докази, да преземе случај од друга институција доколку оцени дека на тој начин поефикасно ќе се открие криминалот од носител на јавна функција или носител на тешки облици на организиран криминал.

Според предлогот, директорот треба да го бира одбор од 15 експерти, универзитетски професори, претставници од невладиниот сектор, медиумите и Собранието со мандат од седум години. Вработените би требало да имаат посебни права и овластувања, да се експерти и со силен интегритет и добро платени. Агенцијата треба да брои најмногу 40 експерти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот