Партиските кампањи на најјако, рејтинзите никогаш послаби

Фото: колаж/„Слободен печат“

Власта го одбива упорното инсистирање на опозицијата за предвремени избори, а на терен дејствува со средства што досега се користеле, главно, во предизборието. И ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа „не“ како одговор и постојано е на терен, на средби со граѓаните

Македонија е далеку од какви и да се избори, но најголемите политички партии се однесуваат како да ќе се гласа на крајот на октомври и ги преплавија граѓаните со секојдневни прес-конференции, соопштенија, „откривање скандали“, меѓусебни обвинувања и кавги со навреди од собраниската говорница.

Следното редовно отворање на гласачките кутии во Македонија се очекува во пролетта 2024 година, кога е терминот за претседателските избори, а според најавите на владејачката СДСМ, најверојатно истовремено ќе се одржат и парламентарните избори, чиј редовен термин е во летото 2024 година.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе цела година бара итни предвремени парламентарни избори. Притисокот почна лани, по поразот на СДСМ на есенските локални избори, а продолжи летово, за време на расправата по „францускиот предлог“ и протестите на граѓаните против бугаризацијата на Македонија. Превирањата има во најголемата партија на Албанците ДУИ, која е дел од власта. Цел на нападите на незадоволните во ДУИ е вицепремиерот Артан Груби.

Власта ни да чуе

Власта не сака ниту да слушне за упорното инсистирање на опозицијата за предвремено избирање пратеници и ги одбива со наратив дека сега не е време за гласање, туку за консолидација и работа, за да се преброди тешката зима што претстои во услови на силна економска и енергетска криза, како и дека парламентарното мнозинство е стабилно.

На терен, пак, СДСМ се однесува сосема поинаку и користи средства што досега биле карактеристични, главно, во предизборието: води црна кампања против лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и го напаѓа со телевизиски спотови, билборди и со летоци.

И ВМРО-ДПМНЕ се однесува слично – не го прифаќа одговореното „не“ од СДСМ и тера своја кампања, односно го напаѓа премиерот Димитар Ковачевски со афери, а на терен се среќава со граѓаните.

Црната кампања, пак, ниту на едната, ниту на другата партија не им донесе повисок рејтинг и повеќе гласачи, а комуниколозите досега многупати предупредија дека со негативниот напаѓачки дневнополитички наратив, најголемите партии ќе доживеат голем одлив на гласовите. Тоа го покажа и последната анкета на ИПСОС од летово, според која паѓаат рејтинзите на големите партии (ВМРО-ДПМНЕ 19,7 отсто, СДСМ 9,5, ДУИ 6,2 Левица 5,9, Алијанса за Албанците 2,8 отсто, други 4,2), а на повеќе од половината избирачи не им се допаѓа актуелната политичка понуда, па 22,5 отсто не одлучиле, 17 отсто одбиле да одговорат, а 12,2 отсто воопшто не бил гласале.

Атанасоски: Ужасна политичка некултура на политичките елити

Според аналитичарите, граѓаните ќе ги фаќа сè поголема политичка апатија, сè додека партиите се однесуваат по утврдениот модел, со кој наводно си нудат помош, а истиот ден го злоупотребуваат на најперфидни начини.

Аналитичарот и политиколог Благојче Атанасоски нотира дека по повеќе од 30 години откако го напуштивме еднопартискиот систем и го заменивме со плурален, тој од година на година сè повеќе се дегенерира.

„Ние сме сведоци на сè пониска и пониска, би рекол, ужасна политичка некултура на политичките елити и кај спротивставените политички актери. Наместо како што се доближувавме до евроатлантските интеграции, така и да се постигнува нивото на политичка култура и актерите да созреваат, ние овие денови сме сведоци на најдолен и најцрн вид оцрнување на политичкиот противник. Сето ова на наредните избори ќе резултира со рекордно низок одзив на граѓаните и тие ќе апстинираат, бидејќи се заситени од дното што им го сервираат лидерите на мејнстрим големите политички партии. Наместо привлекување на неопределените, ние ќе гледаме и намалување на традиционалните гласови за партиите, бидејќи сите до еден, без исклучок сме уморни од ова примитивно и под секое човечко достоинство поведение на власта и опозицијата“, вели Атанасоски за „Слободен печат’“.

Во врска со случувањата во ДУИ, тој смета дека по 20 години практицирање власт, нормално е да се појави група и структура што е незадоволна од внатрешните состојба.

„ДУИ постои само за да владее. Испразнета е од суштина, од идеологија, од цел и мисија. Најверојатно зад овој судир се крие прераспределбата на моќта, парите, тендерите и привилегиите, а во јавноста се прикажува како некое „незадоволство од функционирањето на партијата и партиските органи“. Во тоа, ретко кој верува“, смета Атанасоски.

Тој додава дека на македонската политичка сцена се случува „еден тип на тешка декаденција, дегенерација и назадување, наместо прогрес, култивирање и цивилизираност, како што доликува на членка на НАТО и земја што треба да ги почне преговорите со ЕУ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот