Партиски трикови за нефункционална техничка влада – наместо да работат на изборите, работат на рејтинзите

Прва седница на техничка влада/ Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Техничката влада денес прави повеќе штета на државата отколку корист и не е потребна во држава што е членка на НАТО и преговара за членство во ЕУ, велат експерти

Техничката влада не е потребна, коментираат аналитичари за „Слободен печат“ по најновата „кавга“ помеѓу техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и Владата, која му поништи пет одлуки на последната седница.
Според аналитичарот Џелал Незири, техничката влада создава повеќе проблеми отколку што има корист од неа.

– Овој формат на техничка влада се создаде во времето на Пржинските договори во 2016 година, кога имавме таква влада за парламентарните избори, но потоа во изборите во 2020 година ваквата влада стана пречка. Таа влада се соочуваше со многу проблеми. Се покажува дека кај учесниците во техничка влада повеќе доминира меѓусебната партиска борба за поголем рејтинг, наместо да функционира за она за што е законски наменета, за организирање фер и демократски избори. Излегува дека техничката влада во своето функционирање создава хаос. Со нивните детски караници само ја зголемуваат несигурноста кај граѓаните, како и недовербата кон институциите, а тоа, пак, дополнително, води кон поголема политичка апатија и демотивираност за гласање на изборите. Граѓаните се разочарани и уште повеќе се разочаруваат – вели Незири за „Слободен печат“.

Нивните караници и пресметки, додава, лошо влијаат не само на домашниот, туку и на меѓународниот углед на самата влада, но и на државата.

– Потребно е да се врати политичката влада во целосен мандат од четири години и на тоа треба да се работи. Ние сега сме земја членка на НАТО, преговараме за членство во Европската Унија и не ни е потребно такво нешто како техничка влада, која беше потребна во поинакви времиња. Не само што не е потребна, таквата влада ни нанесува штета. А за да се укине, мора да се постигне партиски консензус, како што и беше воведена со консензус. Но, прашање е дали и во следниот мандат власта и опозицијата ќе се договорат да ја укинат техничката влада. Опозицијата секогаш има интерес да постои таквата влада, затоа што учеството во неа го користи за да докаже колку е неспособна власта – вели Незири.

Тој додава дека е императив институциите да функционираат во секое време, без разлика дали е редовен или предизборен период.

Владата му поништи пет одлуки на Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска рече дека е скандалозно и дрско поведението на Владата, која поништи негова наредба за прераспределба, иако вработената во Министерството доброволно сакала да биде префрлена во нов пункт за да фотографира граѓани за лични документи.

– Целокупното поведение на владата од самиот почеток на техничката влада е во најмала мерка чудно. Крајно незаконито и скандалозно е што Владата се дрзна да се поништи наредба што јас сум ја издал на колешка во МВР, која на доброволна основа сака да помогне да се отвори пунктот во Ново Село за да може да се фотографираат тие граѓани таму. Никогаш не се случило во претходните мандати да поништуваат наредби. Ај што се тотално неинформирани, правно непотковани, па одозгора се и дрски да зборуваат за формалности. Како не им е срам, немам што друго да додадам – рече Тошковски.

По последната седница во понеделникот, Владата соопшти дека по укажувањето на дополнителниот министер Митко Бојмацалиев дека со едностран потпис, само од страна на министерот, се донесени пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност, па затоа ваквите акти ги прогласи за ништовни. Од Владата објаснија дека во согласност со Законот за Влада, министерот и дополнителниот заменик заедно и рамноправно ги разгледуваат и ги потпишуваат сите акти и документи, а во спротивно не произведуваат правно дејство. И техничкиот премиер Талат Џафери нема дилеми дека наредбите на Тошковски се поништени законски.

– Законот е јасен дека треба да има врзан потпис. Формално, ако нема врзан потпис се поништуваат наредбите, а потоа, ако постапката потврди нешто друго, се преземаат соодветни одговори и постапки според процедурата. Сега-засега се такви процедурите – рече Џафери.

Претходно, министерот Тошковски во објава на Фејсбук објасни дека една од петте поништени наредби е поради кадровски дефицит во управните служби во Ново Село, а другите четири се за советниците од неговиот кабинет, со кои им се даваат конкретни насоки за постапување.

„Со нивното поништување се влијае врз работата на Министерството на највисоко ниво, кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување мирен и демократски изборен процес“, напиша Тошковски.

На почетокот на функцијата пред два месеца, Тошковски обвини дека Владата му го ускратила законското право да изврши 15 разрешувања или распоредувања на носители на раководни позиции во МВР, односно дека не му е прифатен предлогот за смена на началникот на СВР Тетово, што, според него, фрла огромна дамка на целиот изборен процес.

Тој тогаш изјави дека е нејасно и нема логика зошто само СВР Тетово не треба да има двајца началници како сите други СВР, кои треба да го гарантираат изборниот процес. Тој тогаш информираше и дека ги информирал ОБСЕ-ОДИХР и стратешките партнери за опструкциите и додаде дека и тие изразиле сериозна загриженост затоа што Владата не дала правно образложение за одбивањето СВР Тетово да влезе меѓу 15-те сектори во кои ќе се изврши промена.

И во претходната техничка влада беше слично

Вакви кавги имаше и во претходната техничка влада, кога дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, која не му ги одобруваше одлуките и дел од именувањата на техничкиот министер Наќе Чулев. Тогаш техничкиот премиер Оливер Спасовски мораше да ги повикува министрите да имаат политички сенс и одговорност и да не излегуваат надвор од она што им е дадено во Законот за Влада, а со нивните постапки и одлуки да не задоволуваат лични и партиски интереси.
Според Законот за Влада, дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи што ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот, како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, на финансиските и на кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот