
Паркирање подолго од два часа во „Дајмонд мол“ се плаќа само со сметка од над 400 денари, инаку рампите не се креваат
Приложувањето сметка се применува и во други молови низ градот, но разликата е во тоа што во „Дајмонд мол“, кој патем нема дозвола од Град Скопје да наплаќа, нема друг начин да се плати доколку автомобилот остане паркиран повеќе од два часа, што е особено проблематично за оние што доаѓаат во трговскиот центар на нечиј роденден или прослава, а не на шопинг.
Веќе една година „Лимак“ не добива дозвола од Советот на Град Скопје да наплаќа за паркирање на подземниот паркинг на „Дајмонд мол“ и исто толкав период наоѓа начини како без тоа да го регулира паркирањето на сопствениот простор.
Препорачано
Најпрво, уште пред да се најде барањето за дозвола за вршење дејност паркирање пред советниците, компанијата воведе цени за секој посетител што ќе го остави возилото на паркингот на трговскиот центар – 50 денари за час и по толку за секој нареден час доколку подолго се задржи на пазарење. Воведена беше и казна од 1.500 денари за изгубен или оштетен билет или доколку автомобилот е паркиран надвор од обележано паркинг-место. Паркингот што располага со околу 1700 паркинг-места беше отворен од 8 до 1 часот по полноќ, што значи дека 17 часа дневно се вршеше недозволена наплата.
Тоа траеше со месеци, во меѓувреме советниците не го менуваа својот став, а Град Скопје не преземаше ништо за да ја спречи недозволената наплата. Потоа, дали под притисок на јавноста или под притисок на инспекцијата, „Дајмонд мол“ ги крена рампите на влезовите и дозволи бесплатно паркирање.
Од Град Скопје тогаш посочија дека инспекторите излегле на терен и постапиле.
Во врска со давањето дозвола за вршење дејност паркирање за компанијата „Лимак“ ДОО Скопје, Секторот за сообраќај, во согласност со своите надлежности, доставува Предлог-одлука за давање дозвола за вршење на дејност паркирање на Друштвото за градежништво трговија и услуги Лимак ДОО Скопје, до Советот на Град Скопје на секоја седница, која сѐ уште не е усвоена од Советот на Град Скопје. Според тоа, надлежните градски инспектори имаат извршено инспекциски надзор на терен, и по утврдени неправилности се поведува соодветна постапка – одговорија од Град Скопје.

Најновиот „изум“ во врска со паркирањето во трговскиот центар е задолжително приложување сметка од најмалку 400 денари доколку автомобилот остане паркиран повеќе од бесплатните два часа. Приложувањето сметка за ослободување од плаќање се применува и во други молови низ градот, но разликата е во тоа што во „Дајмонд мол“ нема друг начин да се плати паркирањето. Значи, оној што решил два часа само да шета низ трговскиот или дошол со детето на нечиј роденден во игротеката или на прослава во некој од рестораните, за да излезе потоа со возилото мора, сакал-нејќел, нешто да купи во која било продавница во молот. Инаку, нема излегување од паркиралиштето.
Ваквата постапка предизвикува револт кај посетителите на трговскиот центар. Еден од нив ни го раскажа своето неодамнешно искуство, кога го посетил молот во друштво на својата сестра која пазарувала, но тој не купил нешто. Кога стигнал на пултот за наплата, му било кажано дека мора да приложи сметка од 400 денари бидејќи возилото му било паркирано повеќе од 2 часа и дека нема друга опција за паркирање.
Според него, оваа политика е антипотрошувачка и трговскиот центар врши злоупотреба на своите потрошувачи.
Најпрво, паркоматите на „Дајмонд мол“ со месеци не се во функција, иако трговскиот центар т е отворен веќе подолг период. Наместо да ги овозможат овие основни услуги, молот воведува политики што го одвраќаат шетањето и слободното користење на просторот. Дали на трговскиот центар во меѓувреме му е издадена дозвола? Ако да, зошто паркоматите се надвор од употреба? Во моментов мислам дека нема паркинг во Скопје, а и во Македонија, кој е поскап од овој. Ако паркингот за 2 часа и 1 минута чини 400 денари, тоа значи дека цената ефективно изнесува 200 денари по час – бројка што е не само прекумерна, туку и неспоредлива со другите трговски центри во градот – вели Стефан Николовски во својата реакција.
Тој смета дека ваквата политика го нарушува и основниот концепт на трговски центар како простор што е отворен за сите, кој покрај шопинг треба да биде наменет за рекреација, социјализација и релаксација.
Од „Лимак“ и покрај тоа што побаравме одговор, досега нема објаснување зошто го прават ова кога немаат дозвола од Советот, затоа што каков било начин на регулирање на паркирањето е вршење дејност, без оглед што паркиралиштето е нивна сопственост.
Претседателот на Советот Трајко Славески неодамна за „Слободен печат“ потврди дека според одредбите од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, оваа дејност не може да се врши без дозвола.
За вршење јавна дејност паркирање, одлука мора да донесе Советот на Град Скопје. Таква одлука двапати не е изгласана. Понатаму треба Град Скопје, односно градоначалничката и службите, да постапат и да спроведат. Во моментов на паркиралиштето наплатата се врши без дозвола од Советот – објасни Славески.

Во Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје се вели дека на површините за паркирање кои се во функција на станбени и деловни објекти и изградени-уредени во рамките на градежна парцела или градба што се во приватна сопственост, не е дозволено вршење на дејноста паркирање во комерцијални цели.
По исклучок, паркиралиштата од став 1 на овој член, може да се користат и стопанисуваат во комерцијални цели, при што субјектот што ги дава услугите на паркирањето мора да има дозвола од Градот Скопје за вршење на дејноста паркирање – прецизирано е во член 4, став 3 од оваа Одлука.
Кога ќе се добие ваква дозвола, се склучува договор помеѓу Град Скопје и организаторот на паркирањето, со кој меѓу другото се уредува цената на услугата и системот за наплата.
Согласност за да се склучи таков договор мора да даде Советот на Град Скопје, но советниците речиси цела година не гласаат за предлогот, меѓу другото, како што и повеќепати некои од нив образложиле од говорница, поради самоволното постапување на „Лимак“.
Со истиот проблем се соочуваат и Друштвото за градежништво и услуги „АБ-Имарет“, кое сака да стопанисува со паркинг со пристап од улица Самоилова во Чаир, потоа фирмата „Тинекс-МТ“ која побарува да врши дејност паркирање на паркиралиште со пристап од крак на улица Борис Трајковски во Кисела Вода, а дозвола нема ниту „Сити плаза“ ДОО за наплата на паркирање во трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром, каде што исто така се наплаќа без дозвола.
„Дајмонд мол“ ги крена рампите за бесплатно паркирање откако со месеци се наплаќаше без дозвола