Парадоксално: И Грција и Турција се повикуваат на меѓународното право за Медитеранот

Додека трае тропкањето со оружје и фрчат повремени навреди, сега на потег се САД и НАТО.

Воени вежби, провокативни изјави, милитаризирање на мали острови. ЕУ е на готовс поради агресивната реторика и политика на Анкара и Грција која може да се претвори и во директен судир. Состојбата уште повеќе ја компликува фактот што се работи за две членки на НАТО, кои во теорија би требало да бидат сојузници, но оваа компликација за Брисел и Вашингтон е само врв на ледениот брег на проблеми кои се случуваат во регионот на Средоземното море.

Пред да се вратиме на турско-грчкиот конфликт, треба да се знае дека новата шаховска партија во геостратешката борба на Западот против Истокот, почна со таканаречената “Арапска пролет” во 2010-тата и Сириската граѓанска војна во 2011-тата, која се претвори во глобален прокси конфликт со широки импликации.

Бранот на промени во Северна Африка кој требаше да изнедри “подемократски” раководства донесе мешан резултат и статус кво за западните интереси, а во тој појас најлошо помина Либија во која се преслика состојбата од Сирија во однос на внатрешната војна и интересите на големите и регионални сили внатре во земјата.

Додека Либија е своевиден “клон” на сириските случувања, а војната во Јемен е продолжение на регионалната борба за превласт меѓу Иран и Саудиска Арабија, војната во Сирија донесе низа на геополитички, стратешки и воени промени кои го редефинираат распоредот на силите на светската мапа.

Сирискиот конфликт на голема врата ја врати Русија во стратешката борба за превласт врз најбогатите енергетски текови на светот. Во моментот кога се чинеше дека следува борба на Америка со разбудениот кинески џин, рускиот претседател Путин ја врати Москва во игра на спектакуларен начин. Русија изврши директна воена интервенција во Сирија, на покана на претседателот Асад го запоседна стратешкото пристаниште Тартус и активно се вклучи во борба против групациите кои се бореа против Асад. Со овој незапаметен потег за прекуморска интервенција на руските вооружени сили, невиден ниту во советско време, Русија го спаси сирискиот претседател од неизбежниот пораз и се стационараше како клучен фактор за решавање на сириската криза.

САД како главен светски геополитички играч остануваат во Сирија и во Ирак, но, претседателот Трамп полека ги повлекува трупите од регионот, бидејќи не верува премногу во важноста на американското масовно присуство, особено после поразот на ИСИС. Сепак би било наивно да се очекува дека Вашингтон би се откажал од контролата на една од најважните стратешки точки на планетата, па претседателските избори во САД во Ноември ќе ја доцртаат контурата на идното делување на Американците.

Како една од главните нуспојави на сириската криза е и големата мигрантска криза, која се уште трае. Овој феномен, не само што предизвика една од најголемите преселби на луѓето во модерните времиња туку има и сериозни политички импликации врз европските држави и сеуште нема знаци дека кризата ќе заврши.

Но, токму згрижувањето на 3 милиони бегалци од Сирија, беше една од причините која го предизвика вториот најголем стратешки феномен во медитеранската драма, а тоа е враќањето на пан-отоманската идеја од страна на империјалната наследничка, Република Турција.

Турција под водство на Ердоган доживеа економски процут, земјата доби константен раст на БДП, и невиден инфраструктурен развој. Нуспојава на економските бенефити сепак беше исламизацијата на земјата и одстапување од секуларниот пат на Ататурк. Беше само прашање на време кога амбициозниот пристап на Ердоган ќе стане претесен за границите на остатокот на некогашната империја која се протегала од Мароко па до Виена.

Турската армија влезе агресивно во Сирија со изговор на заштита на турските интереси од создавање на курдска држава, но во реалноста со потег се спротистави на напредувањето на сириската војска, помогната од руската армија и постави граница во провинцијата Идлиб. Но Турците не застанаа тука, продолжија и со повремени напади врз курдските позиции во Ирак, а пратија и свои единици и сириски борци во Либија, кои засега ја спасија од пораз либиската национална армија од борците на генерал Хафтар кој е подржан од Русија. Но подршката на Анкара не доаѓа без цена, меѓународно признаената влада во Триполи дозволи Турција за возврат да врши подводни истражувања за нафта и гас во источниот медитеран, на што остро се спротиставија Египет и Грција, кои од друга страна потпишаа и свој договор.

Така се враќаме на турско-грчкиот конфликт. Грција остро се спротивставува на турските истражувања бидејќи смета дека Анкара навлегува во грчките зони на интерес според меѓународното право. Но Грција знае, и дека доколку дозволи такво делување, Ердоган нема да застане. Економската моќ која би ја добил со новите наоѓалишта бргу би се преточила во воена надмоќ и добивање на стратешки моментум над својот западен сосед.

Иако седум пати помала по број на жители, Грција грчевито се труди да постигне воен паритет со Турција, знаејќи дека се работи за прашање на одбрана на дел својата територија. Турција, пак, не крие дека е фрустрирана со договорите во минатото кои овозможиле Грција да има свои острови на само еден километар од турскиот брег.

Парадоксално и двете земји се повикуваат на меѓународното право, Грција на територијалноста, а Турција се повикува на правото на територијални води кое се протега на 6 до 12 наутички милји до брегот и на правото на ексклузивни економски зони до 200 наутички милји. Јасно е дека Грција има сувереренитет над островите во медитеранот, иако се на милја до Турција, но јасно е и дека Анкара нема да прекине да бара начин да ги прошири своите територијални води и пристапот до енергетските суровини на морското дно.

Европската Унија, и особено Германија, се обидуваат да ги смират тензиите, бидејќи Меркел добро знае дека судирот меѓу Турција и Грција најмногу корист ќе донесе на путиновата Русија. Тоа многу добро го знае и Јенс Столтенберг па се обидува да ја превенира руската тактика за уривањето на единството на НАТО преку евентуалниот судир на две земји членки. Франција од друга страна директно застана на страната на Грција, и освен вербалните пресметки со турските колеги, претседателот Макрон испрати и воени бродови во медитеранот на вежби со грчката морнарица, а најави и голем контигент на ново француско оружје на Атина.

Ако сегашната политика на Ердоган ја споредиме со отоманските освојувања на европскиот контигент, се чини дека потегот на Макрон е еквивалентен на европската одбрана на Виена во 1529 од Сулејман Величенствениот, па така “Наполеон”, како што турскиот министер за одбрана Акар гонарече Макрон, се обидува да ја ограничи турската експанзија во источниот медитеран.

Додека трае тропкањето со оружје и фрчат повремени навреди, сега на потег се САД и НАТО.
Сигурно е дека во наредните месеци ќе инсистираат на деескалација на тензиите меѓу Турција и Грција, а до неа и ќе дојде. Не само поради западните интереси за зачувување на коалициското единство во алијансата туку и поради прерастегнатите капацитети на турскиот воено-економски апарат, кој во моментов се протега од Азербејџан, преку медитеранот и Сирија, па до Либија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот