Палестинците имаат право на одбрана од теророт на доселениците и на окупаторот- вели Абас

Махмуд Абас / Фото: EPA-EFE/ALAA BADARNEH

Палестинскиот народ има право да се брани од теророт на доселениците и окупаторските сили, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас по итниот состанок со водечките палестински претставници одржан во Рамалах, на Западниот Брег.

Неговата изјава уследи неколку часа откако Хамас почна операција, истрелувајќи илјадници ракети врз јужниот и централниот дел на Израел. Борци на Хамас се инфилтрираа по копно и море на израелска територија. Шест часа од почетокот на инвазијата припадници на Хамас сè уште се борат во неколку израелски населби.

Либанското движење Хезболах соопшти дека нападот е порака против нормализацијата на односите.

– Масовното ракетирање на Хамас од Појасот Газа врз Израел е одлучувачки одговор на тековната израелска окупација на палестинските територии и порака до оние кои бараат нормализација на односите со Израел, соопшти Хезболах.

Во меѓувреме советникот на иранскиот ајатолах Али Хамнеи, Рахим Сафави го поддржа палестинскиот напад врз Израел.

– Им честитаме на палестинските борци. Ги поддржуваме палестинските борци до ослободувањето на Палестина и Ерусалим, наведе Сафави.

Ненадејниот, масовен напад на Хамас на еврејскиот празник Симхат Тору ги потсети Израелците на војната од октомври 1973 година, кога беше нападната еврејската држава, на Денот на покајување (Јом Кипур). Вчера се навршија 50 години од таа војна.

Педесетгодишнината од таа војна беше вчера. Експертите истакнаа дека нападот е резултат на повиците на премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите ултрадесничарски сојузници за поагресивна акција против заканите од Појасот Газа.

Политичките коментатори ја критикуваа Владата дека не предвидела планиран и координиран напад од Хамас, при што загинаа најмалку 22 лица, а над 500 се повредени.

Нетанјаху претходно соопшти дека Израел е во војна, а израелската армија прогласи воена готовност и почна операција „Железни мечеви“ врз Појасот Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот