Пале Илоска во најбедни услови ја чека правдата за себе

pale iloska пале илоска
Пале Илкоска и невенчаниот сопруг, полицаецот Александар Ристовски

Велешанка Пале Илоска (23), која во самоодбрана го уби својот невенчан сопруг, ја издржува мерката домашен притвор што ѝ беше изречена, без елементарни услови за живот, во празна куќа, без струја и огрев.

Додека била отсутна од куќата во која живее, во неа провалиле крадци. Според нејзините роднини, украдено е сè што можело да се однесе, собите се празни. Крадците дури се обиделе да го украдат и клима-уредот, но тогаш некој од соседите ги забележал и повикал полиција.

Таа живее сама во трошната куќа, наследена од починатиот татко, каде што живеела со сега починатиот Александар и каде што лани во септември се случи трагичниот настан. Згора на сè, во куќата нема струја, зашто е исклучена поради неплатен долг од околу 40.000 денари.

– Пред трагедијата Пале работеше во странска фабрика во Кавадарци. Сега, по настанот, нема повеќе примања и е препуштена сама на себе. Кражбата е уште еден удар врз неа во целата ситуација. Роднини ѝ однесоа дрва, се трудат да ѝ помогнат колку што можат, но тоа не е доволно. И покрај сè, таа е многу силна и никогаш не била од оние луѓе што се жалат – велат роднините на Илоска за „Слободен печат“.

На фејсбук-страницата „Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство“ осамна објава за состојбата на Илоска, преку која се апелира од граѓаните да ѝ помогнат. Граѓанските организации исто така остро реагираат на одлуката на Основното јавно обвинителство Велес, кое поднесе обвинителен предлог во кој таа се товари за кривично дело „убиство на миг“, а не за убиство при нужна самоодбрана, како што сметаат тие. Тие велат дека целиот случај бележи низа пропусти од институциите.

– Институциите уште од самиот почеток не го применуваат принципот на должно внимание. Кон сега обвинетата постапуваат како со лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело, а не како лице жртва кое се нашло во неизбежна борба за заштита на својот живот. Бараме Илоска да биде ослободена за кривичен прогон, односно ОЈО Велес да го повлече обвинителниот предлог и судот да донесе одбивателна пресуда. Одлуката на правосудните органи во овој случај несомнено ќе го одрази и нивото на општествена свест, а ќе зависи и понатамошното охрабрување на жртвите за пријавување насилство врз жените и семејно насилство – велат од Националната мрежа.

Според обвинението, Илоска се товари дека го убила својот свршеник Александар Р., инаку полицаец, откако тој пијан ја тепал, ја влечел за коса по подот и ја навредувал со најпогрдни зборови. Во еден момент во кујната тој почнал да ја дави, но таа успеала да дофати нож од масата и да го прободе во градите, по што тој за кратко време умрел.

ИНФОГРАФИК | ОJO бара велешанката Пале да одговара за убиство, иако била тепана од убиениот маж со кој живеела

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот