Овие Македонки „стопија“ куп килограми, прочитајте ги нивните „диетни“ приказни кои неверојатно мотивираат

Некои жени си го сменија „личниот опис“ и за време на домашната изолација. Нивните приказни ќе ве инспирираат и мотивираат да не чекате подобри денови и услови.

Некои девојки и жени периодот на домашна изолација за време на коронакризата го искористија за вложување во својот изглед, намалување на телесната тежина, а со тоа и подобрување на здравјето. Резултатите се неверојатни, некои од нив ослабнаа и до 10 килограми, а сите кои практикуваа здрава диетна програма и вежби, успеаа да го тонираат и затегнат телото, да се ослободат од целулитот и да си ја вратат насмевката пред огледалото.

– За да се доведе линијата, но пред сè здравјето до совршенство, мора да се вложи доволно труд, време и дисциплина, и успехот во тој случај е неминовен. Секој организам е приказна за себе и мора да се пристапи од индивидуален аспект. Сепак, постојат некои општи нутриционистички правила по кои секој клуб посебно се раководи и некои од нив ќе откриеме денеска за читателите на „Слободен печат“, ни рече нутриционистката и фитнес-инструкторка Елена Мирческа од фитнес-студиото „Lady fit“.

Центарот за нутриционизам „Нутриција“ и фитнес-студиото „Lady fit“ успешно работат веќе долги години и зад себе имаат бројни задоволни клиенти и позитивни приказни. Меѓутоа, успехот во оваа професија секогаш е поделен на двете страни, колку што зависи од стручноста на одговорното лице, толку зависи и од посветеноста и одговорноста на клиентот.

Овошјето наутро предизвикува глад

– Кога станува збор за планот за исхрана, обично тој започнува со многу течности кои се внесуваат наутро пред појадок, за чистење на цревата и стимулирање на метаболизмот. Најчесто се работи за вода измешана со лимон, ѓумбир, нане, зависно од појадокот може да се додеде цимет, при одредени здравствени состојби се даваат одредени чаеви или сокови и слично. Потоа следува појадокот, кој ако се работи за план за намалување на телесната тежина, обично содржи овошје и/или житарици или интегрален леб со некаков намаз. Не се препорачува појадокот да содржи само овошје од причина што овошјето не е комплетен оброк и содржи висок гликемиски индекс, значи создава нагол скок, а потоа и пад на шеќерот во крвта, по што следува глад. Доколку се конзумира овошје, најдобро е тоа да се комбинира со семиња или семки и со житарици. Потоа следува ручекот, секогаш се започнува со мешана салата која се јаде пред оброкот за да се снабди телото со живи ензими кои подоцна ќе помогнат во варењето на храната. Може да се остави дел од салатата да се јаде и со оброкот, доколку клиентот така сака. Главниот оброк е најчесто готвена храна која според рецептите на нашиот клуб е модифицирана здрава верзија на нашата традиционална кујна со добро испланирана комбинаторика во однос на јаглехидрати, масти и протеини, се готви релативно брзо и не бара клиентот да поминува долго време во кујната. Помеѓу ручек и вечера има ужина која е различна, зависно од потребите на клиентот и неговата здравствена состојба. Вечерата исто така содржи салата и нешто протеинско, на пример, печурки, млечни производи, соини производи, наут и слично, а јаглехидратите попладне се доведени до минимум. Доцна навечер доколку се почувствува глад, дозволено е да се јадат, на пример, домашни пуканки без сол.

Елена истакнува дека како што е важна комбинаториката на храна, така е важно и да помине доволно долго време меѓу оброците, за храната да се свари непречено. Исто така, важна и саатницата меѓу последниот оброк навечер и првиот оброк наутро за телото да има доволно време да се ревитализитра и одмори.

Процесот на слабеење без вода би значело болест за организмот

– Течностите во текот на денот се од пресудно значење, препорачливо е да се испие најмалку 2 литра вода распоредена половина час пред оброк и час и половина до два потоа. Водата е медиум каде се одвиваат сите биохемиски процеси во организмот и преку неа се исфрлаат сите отпадни материи, па така процесот на слабеење без вода би значело болест за организмот, објаснува нутриционистката.

Неминовен дел од секој диететски режим е и вежбањето. Според Елена, слабеењето без физичка активност е возможно, но вежбањето не само што го забрзува процесот, туку и напоредно ја зајакнува и гради мускулатурата која не дозволува вишокот кожа да свисне, а исто така треба да се знае дека колку повеќе мускулно ткиво изградиме на нашето тело, толку потрошувачката на енергија е поголема дури и во состојба на мирување.

– Нашите клиенти имаат избор да ги посетуваат часовите во нашето студио или да вежбаат дома, да се приклучат во живо преку компјутер или телефон на часовите или да добијат вежби кои ќе ги вежбаат во време кога ним им одговара. Варијантите се бројни, поддршката е присутна 24/7 за консултација и стимулација од страна на одговорно лице, останува само нивната желба да го подобрат својот живот во позитивна смисла, додава Елена.

Овие Македонки чекаа да направат нешто за себе, дури и во периодот на домашна изолација. Не чекаа да дојде понеделник или први во месецот, започнаа веднаш, сметајќи дека вистинскиот момент е токму овој сега и никогаш не е доцна за било каква промена, ако таа промена донесе добро за физичкото и ментално здравје.

Приказната на Ангела: „Стопила“ над 20 килограми!

Ангела не била голем фан на вежбањето, а била „фан“ на храната. Имала вишок килограми. По кратко убедување од една нејзина пријателка, се согласила да ѝ прави друштво во салата. Ја импресионирал нејзиниот резултат и така, тргнала со неа. Почнала со 86 килограми.

– На почеток вежбав секој ден, освен во недела, активно 4 месеци. Во тие 4 месеци, поточно од јануари до крајот на април веќе имав намалено 12 килограми и стигнав до 74 килограми. Потоа, вежбањето го намалив на 3 пати неделно. Храната ја редуцирав по препораки од инструкторката, исфрлив благо, сокови, бело брашно, почнав да конзумирам повеќе зеленчук и овошје и да пијам повеќе вода. Во наредниот период продолжив со вежбање, а килограмите се намалуваа. Кога килограмите започнаа да стагнираат, ми изработи и режим на исхрана и во септември стигнав до 65 килограми, вели Ангела.

Ангела на режимот се придржува и денес и многу е задоволна. Со него го решила недостатокот на одредени витамини кои ѝ правеле проблем и хроничниот гастритис со кој се борела со години.

Приказната на Александра: „Влегла“ во омилениот фустан 

Александра вежба секојдневно по еден час.

– Откако почнаа „онлајн“ тренинзите, поради ограничено движење, започнав да вежбам и по два тренинзи, односно по два часа. На почетокот некои јадења кои Елена ми ги препиша во режимот ми беа чудни затоа што до тогаш не сум подготвувала такви рецепти и се двоумев дали ќе можам да ги јадам, но уште првиот пат кога ги пробав ги засакав затоа што беа превкусни. На почеток имав многу криза за благо, таа криза траеше десетина дена и се издржува кога знаеш за резултатите кои следуваат покасно. Ослабев 9 кигограми и забележав драстично подобрување на крвната слика. Да нагласам дека имам и Хашимото, автоимуно заболување на тироидната жлезда. Функционирам многу подобро со помала тежина и сметам дека за една жена е многу важно да се чувствува добро во сопствената кожа и да биде задоволна кога ќе го облече омилениот фустан, а без помошта и мотивацијата од Елена, немаше да го постигнам овој резултат.”

Приказната на Даниела: За три месеци минус 15 килограми

– Со Елена се запознав пред 3 години кога почнав да вежбам во нејзиното студио. Вежбањето ми влијаеше на многу попозитивен начин од тоа што очекував. Колку повеќе се посветував, благодарение на мотивацијата и позитивната атмосфера што ја примав за време на часовите, чувствував дека сакам да направам поголем чекор во однос на здравиот начин на живот и навики. Тоа беше причината да се пријавам на наградната игра што ја организираше Елена и бев среќна добитничка, вака ја започнува својата диетна приказна Даниела.

На почетокот чувствувала мала несигурност и сомнеж, дали ќе успее да промени дел од секојдневните навики и дали ќе успее да ја постигне поставената цел. Но како што поминувале деновите, сè повеќе уживала во подготовка на храната и нејзиното консумирање. За да ги набави и приготви оброците навреме, ја подобрила својата организација на времето. И веќе од третата недела се чувствувала како отсекогаш да го држела овој режим. Не чувствувала потреба за било каква друга храна. Не чувствувала глад, напротив, била сита и задоволна.

– Продолжив да ги посетувам часовите за вежбање 3 пати во неделата, а во останатите денови, секогаш кога ќе имав време и можност, вежбав дома. Како што секој организам различно ги поднесува промените, јас по првиот месец бев ослабена само 3 килограми, поради што бев разочарана, но не се откажав и продолжив да ги следам советите со кои ме охрабруваше Елена. Затоа пак, здравствените придобивки беа поголеми, се чувствував витална, полна со енергија, престанаа главоболките и вртоглавиците, отоците на нозете ги снема, бев порасположена, позитивна, сонот ми се подобри и подобро се справував со секојдневниот стрес зашто добивав позитивни коментари од сите околу мене. По вториот месец имав намалено околу 10 килограми, а потоа веќе и не ги броев и не ми беше веќе важно со оглед на подобрувањето на мојата здравствена состојба и зголемениот имунитет. Режимот траеше 3 месеци и на крајот имав намалено 15 килограми. Оттогаш поминаа уште 2 месеци, но јас се уште се придржувам на тој начин на исхрана, ги прифатив здравите навики и тие станаа дел од мене. Во консултации со Елена веќе почнав и сама да комбинирам намирници и навистина уживам во тоа. Во овој период на вонредна состојба, продолжив да вежбам дома на „онлајн“ часовите кои ги организираше Елена. Можам да кажам дека ова искуство во позитивна смисла го промени моето секојдневие, моите навики и мојот живот. Најмногу ме радува тоа што и другите членови од моето семејство покажуваат интерес и љубопитност и почнаа да го прифаќаат овој начин на исхрана. Им препорачувам на сите кои сакаат да направат позитивна и здрава промена во својот живот, без двоумење да пробаат и да ги почуствуваат придобивките од истиот, ни раскажува Даниела.

Приказната на Сара: Најтешко ми беше да се откажам од благото, грицките и лебот, но успеав!

Сара вежбала 3 до 4 пати неделно и ги заменила нездравите оброци со разновидна храна како овошје и зеленчук, пилешко месо и риба, големо количество на вода и пред сè растојанието на оброците ѝ било 3 до 4 часа. Не мешала храна, како на пример, компири со леб, благото го исклучила и го заменила со суво овошје, јатки, мед и слично. Потоа Елена ѝ препорачала и нутриционистички режим на исхрана, а килограмите се „стопиле“ од 84 на 65.

– Веќе три години вежбам кај Елена и сум презадоволна, вежбањето ми стана рутина и сега, откако ја постигнав целта, важбам рекреативно и лично за моето физичко и ментално здравје.
Во периодот додека слабеев најтешко ми беше да се откажам од благото, грицките и лебот и јадењето доцна навечер, но задоволството да се чувствуваш многу подобро пред сè за себе, а потоа и за околината е вистинска мотивација.Сè е до нашиот мозок и ние имаме контрола врз нашиот организам, од нас зависи што ќе одбереме да внесуваме и како ќе се чувствуваме, вели Сара.

Приказната на Вики: Процесот не беше лесен, но знаев дека ништо преку ноќ не може да се добие

Вики била отсекогаш љубителка на физички активности, а во годините наназад настојувала тоа да и стане лајфстајл, односно секоејдневие. Активна е веќе 10. години со помали прекини, а вежбањето и исхраната ѝ станале рутина без која не може. Никогаш немала прекумерна тежина, немала проблеми со исхрана, но се подалеку била од целта, губела желба и волја, па сфатила дека треба да се обрати кај некој што стручно ги разбира работите, како во врска со вежбање така и во врска со исхратата.

– Слушнав за Елена и еве сум веќе 4 години исполнети со големи успеси, добра енергија, совети и научени лекции за работи за кои што сум била во заблуда. Почнав со 3 тренинзи во неделата, по извесен период се приклучив на план за исхрана направен од нејзина страна, за кој што бев скептик, бидеќи се што сум пробала до тогаш довело до разочарување или едноставно само до уште едно откажување. Имаше период кога веќе бев подготвена да се откажам и да прекинам, но кога стрелката од вагата почна постепено да се поместува знаев дека сум на точно место и дека полека но сигурно целта ќе ја постигнам. Исхраната во целиот процес беше клучниот фактор и најинтересниот дел од целиот процес . Сфаќаш дека не ти требаат со часови готвење кога го имаш планот пред тебе и кога се водиш по тоа што е напишано. Планот за исхрана беше разновиден и прилагодлив кон сите услови. Процесот не беше лесен, но знаев дека ништо преку ноќ не може да се добие, па така секој ден ми беше нов предизвик и со нова цел се повеќе се трудев и го добив посакуваното.

Во целиот процес Вики изгубила десетина килограми, а сега гордо го кажува нејзиниот пат кој не беше лесен, особено за симнување на последните посакувани килограми.

– Сега сум до таа фаза кога веќе не ја гледам стрелката на вагата, само гледам да се чувствувам здраво и убаво во сопственото тело, додава таа.

Приказната на Јасмина: Мотивација ми се резултатите

Вежба три до шест пати неделно веќе три години. Вели дека е важна редовноста, да не се губи континуитетот и во периодот кога вежбаш, во тој еден час да бидеш целосно посветен на вежбите и на себе.

– Мотивација ми се резултатите, и не можеме да се жалиме на резултатите кои не сме ги добиле од вежбањето кое не сме го направиле, ни рече Јасмина.

Приказната на Наде: Промената се забележа уште по првиот месец

Наде започнала со 84 килограми. Ѝ требало долго време да се убеди себеси да направи некаква промена во животот. Претходно, како млада, спортувала, и знаела дека ќе биде тешко, но била дисциплинирана.

– Промените во исхраната беа вообичаени, повеќе овошје наутро, за вечера многу салати со нешто протеинско, а ручекот ми беше исто салата со готвено јадење. Исфрлив леб, благо и сокови. Вежбав редовно, иако на почетокот ми беше тешко, не се откажував и давав максимум од себе. Промената беше забележителна уште по првиот месец, не се сеќавам како точно се губеа килограмите, но за 5-6 месеци намалив околу 20 килограми, од кои најмногу во првите месеци, потоа постепено. Најмногу се радував што како се намалуваа масните наслаги, така се враќаа мускулите на телото и се дефинирав како на времето кога тренирав. Моја препорака е да не се откажувате кога ќе имате криза, тоа е сосем нормално, туку цврсто да се држите до својата цел, ако сте упорни, успехот е загарантиран!, вели Наде.

Доколку ви треба поголема мотивација, може да ги следите Фејсбук страните ”Нутриција- центар за нутриционизам” и Fitnes studio Lady-Fit”, како и Инстаграм профилот Elena Fitness & Nutrition (ladyfitnutricia) или Јутјуб каналот Lady Fit каде ќе најдете бројни совети, рецепти и видеа со вежби кои ќе ве донесат поблиску до Вашата цел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот