Овчите сипаници присутни во Македонија, едно дете хоспитализирано на Детска клиника
Седумнаесетгодишно дете во многу тешка здравствена состојба но и со варичела е згрижено на Детската Клиника. Директорката на Клиниката, професор доктор Стојка Нацева Фуштиќ смирува дека опасност од ширење на овчите сипаници на Клиниката нема, зашто детето било згрижено во комплетна изолација и по протокол.
Препорачано
-Станува збор за пациент со тешка церебрална парализа и тешки деформитети, врзано е за кревет. Пациентот е на машина. Дојде со осип, веднаш се посомневале колегите, го амбулирале во ходник и е во изолација. Нема никаква опасност од ширење на овчите сипаници. Засега други пациенти со овчи сипаници немаме, освен ако не се во инкубација, ни рече доктор Нацева Фуштиќ.
Во јануари годинава најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчи сипаници со вкупно 936 пријавени лица. Тие во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 83,4 проценти, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 83,8 проценти според извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во однос на претходниот месец декември 2022, се регистрира намалување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 41,9 процент, a во однос на месец јануари 2021 се регистрира зголемување за 12 пати.
Епидемиологот од ИЈЗ доктор Гордана Кузмановска за „Слободен печат“ вели дека во актуелниот временски период варичелата е честа, но дека само кај имунокомпромитирани пациенти може да доведе до потешки последици и несакана форма.
-Кај здрави деца ретко може да дојде до бронхопневмонија. Во нашата земја нема рутинска вакцинација против варичела, исто како што нема рутинска вакцинација против варичела ни во другите развиени земји. Се смета за полесна болест. Препораката на Светската здравствена организација е вакцинацијата да биде насочена кон ризични групи а не за сите деца и не рутински. Од скоро има иницијатива против варичела да се вакцинираат одредена категорија деца во земјава по епидемиолошка и клиничка индикација, но оваа вакцина не е во календарот за задолжителна имунизација, вели доктор Кузмановска раководител на секторот за контрола и следење на заразни болести при Институтот за јавно здравје.
Варичелата е заразно заболување кое се пренесува брзо. Децата најчесто лесно го прележуваат со појава на осип и малку покачена телесна температура која трае неколку дена. Болниот е заразен два дена пред да се појават сипаниците и додека трае осипот. Овчите сипаници може да се опасни за новороденчиња, бремени жени и за лица со слаб имунитет.
Матичните лекари се оние кои најчесто регистрираат варичела и потоа во Центрите за јавно здравје задолжително го пријавуваат бројот на нови случаи. Доколку има потреба, децата се праќаат на дополнителни специјалистички иследувања. Препораката на лекарите е детето да биде отсутно од колективот односно да не оди во градинка барем две недели додека осипот не се повлече. За да се спречи суперинфекција треба да не се чеша исипот, редовно да се проветруваат просториите, да се јаде здрава храна и да се одржува редовна хигиена. Се препорачува на децата да им се исечат ноктите за да се намали ризикот од чешање.


