Основен кривичен суд: Јовановски да не манипулира со јавноста на морбиден и монструозен начин

Фото: sud.mk

Во однос на денешните, како што се потенцира, неосновани обвинувања на осудениот Бојан Јовановски, Боки 13, кои без никаква проверка беа објавени во медиумите, Основниот кривичен суд Скопје информираше дека се работи за манипулирање со јавноста и тоа на „морбиден и монструозен начин“, со Законот за кривична постапка и со Уставно загарантираните права и слободи на осудениот, а на штета на судот и на покојниот судија Огнен Ставрев.

– Најпрво, се работи за НЕ правосилно решение на кое странките веќе поднеле жалба по која треба да одлучува Кривичниот совет. Конкретното решение е донесено од судијата Ставрев по анализа на целокупната медицинска документација и мислења. Но, со оглед дека, заради здравствени причини судијата замина на боледување, писмено изготвеното решение било потпишано од вториот судија во одделот, судија – Бранка Наумоска, користејќи ја претходно усогласената судска пракса и Правното мислење на Врховниот суд на РСМ – се вели во информацијата од Основниот кривичен суд Скопје.

Приложувајќи го линкот до правното мислење на Врховниот суд, од Основниот суд нагласуваат и дека сето тоа е направено заради итноста на постпаката и, пред се, заради доследно почитување на правата на осудените лица.

– Во однос на дополнително доставените мислења од страна на правниот тим на Јовановски, согласно Судскиот деловник, истите мора да бидат примени во судот и покрај тоа што се доставени по донесување на рашението се со цел да бидат разгледани од Кривичниот совет при одлучување по жалбата, а единствено во корист на подносителот на жалбата односно осудениот Јовановски – се додава во информацијата.

Заради целосно запознавање со случајот, од Судот сугерираат правниот тим на Јовановски до медиумите да ја достави целокупната медицинска документација.

– Правниот тим на Јовановски до медиумите да ја достави целокупната медицинска документација вклучувајќи го и мислењето на Лекарскиот колегиум составен од повеќе професори од ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, изготвено на 23.01.2023 г. по барање на судот, а во кое е наведено дека „општата здравствена состојба на осуденото лице НЕ е компромитирана со оглед на неговите претходни зафати и е потребно нејзино понатамошно следење“, како и мислењето на надлежниот јавен обвинител кој смета дека врз основа на приложената документација, барањето за прекин треба да биде ОДБИЕНО – препорачуваат од Основниот суд.

Јавноста, според Судот, воедно треба да биде запознаена дека осудениот Јовановски во изминатите шест месеци, со дозвола на судот, неколку пати бил хоспитализиран и му се дозволени сите, неопходни прегледи поврзани со неговата здравствена состојба. Истиот за целиот овој период почнувајќи од 25. јули 2022 година, со неколку прекини, па до денес е времено згрижен во соодветна клиника.

– Заради сето тоа судот апелира да не се манипулира со јавноста на „МОРБИДЕН И МОНСТРУОЗЕН“ начин, како што квалификува Јовановски, особено што се злоупотребува и името на покоен судија – порачуваат од Основниот кривичен суд Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот