Османи: Партиите мора да го сменат ставот дека економијата почнува од нив

Бујар Османи/Фото: МИА

Македонската економија предолго е жртва на повремени циклични кризи, а партиите се надмудруваат меѓу себе, поништуваат закони што некоја друга влада ги донела претходно, а тоа не смее да се случува кога сме во пресрет на преговорите со ЕУ – порача претседателскиот кандидат на ДУИ и на „Европскиот фронт“, Бујар Османи

Нашата економија е жртва на постојаните циклични политички кризи на поларизацијата, на чувството на секоја политичка партија дека од нив почнува економијата, од нив почнува државата, а бидејќи влегуваме во период на преговори со ЕУ, државата мора покрај државен консензус за ЕУ, да постигнеме и економски државен консензус по однос на општите параметри, порача претседателскиот кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ, презентирајќи ја својата визија на економијата во Стопанската комора на Македонија.

– Политичките партии во земјава треба да престанат да се докажуваат како државата да почнува од нив и да се надмудруваат со економските политики, поништувајќи ги претходно донесените закони, што создава правна несигурност кај бизнисот и идните инвестиции. Ќе се заложам веќе да нема дискусија дали државниот долг не смее да надминува 60 отсто од БДП, или дека економскиот раст треба да надмине 3 отсто. Исто како што е со регулативите и директивите на ЕУ. Тие се фиксни, тие не се преговараат, тие само се имплементираат – истакна претендентот за шеф на државата, Османи.

Според него, се лажат оние што сметаат дека како претседател нема да има влијание врз економските текови. Напротив, додаде тој, улогата на врвот на државата е да биде креатор на државниот консензус за сите прашања, вклучително и економските. Во тој контекст, Османи, најави дека ќе формира Национален совет за економски раст со учество на претставници на опозициските партии, регулаторите, бизнис-заедницата, како и претставници од дијаспората и меѓународни претставници.

Тој смета дека во периодот кога ќе имаме преговори со ЕУ, овој консензус ќе биде многу важен за одржлив економски раст за да се достигне целта од 1.000 евра просечна плата во рок од една година, да се создаде економски просперитет, за луѓето да се задржат овде, а веќе побегнатите да се вратат. Во тој совет ќе има пет работни групи: за ефикасна администрација и институции, за одржливи финансии, за човечки капитал и за инфраструктура.

– Во првите шест месеци од мојот мандат ги очекувам првите предлози, кои потоа ќе ги пренесам до Владата за да ги разгледа и донесе тие регулативи и тоа без расправа. Македонската економија предолго е жртва на повремени циклични кризи, а партиите се надмудруваат меѓу себе, поништуваат закони што некоја друга влада ги донела претходно, а тоа не смее да се случува кога сме во пресрет на преговорите со ЕУ – порача Османи.

Претседателскиот кандидат посочи дека од претставниците на СКСМ, очекува да ги слушне нивните очекувања, нивните стручни анализи по однос на економските текови, меѓутоа се разбира и да им ги пренесе неговите информации по однос на глобалните случувања и надворешнополитичките случувања, можните ризици, случувањето во Блискиот Исток, можната ескалација, можниот бран бегалци што сè ќе влијае врз економските текови и во нашата држава, но пред сè да ја предложи неговата програма како кандидат за претседател, а сметајќи дека улогата на претседателот е покрај тоа да биде компас на геополитичката ориентација и сврзно ткиво на етничките и на политичките наративи е да биде креатор на државниот консензус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот