Османи го брани Ахмети од музејот на УЧК, а тој во Сопот добил благодарница

Музеј во Сопот, Фото Фејсбук Али Ахмети

Извори на „Слободен печат“ велат дека музејот е граден со донации, и тоа во најголем дел од членови и функционери на ДУИ, а сопственикот на земјиштето им доделил благодарници на Ахмети и на уште стотина други на денот на отворањето.

Потпретседателот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи тврди дека погрешно било претставено дека музејот во Сопот е посветен на УЧК. Османи, наспроти кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, тврди дека музејот е изграден на семејно земјиште, но и дека лидерот на ДУИ Али Ахмети нема врска со музејот бидејќи таму бил во својство на гостин. Димитриевски повтори дека музејот е дивоградба изградена на државно земјиште и дека ќе поднесе кривична пријава.
Извори на „Слободен печат“, пак, велат дека музејот во Сопот е граден со донации, и тоа во најголем дел од членови и функционери на ДУИ, а сопственикот на земјиштето им доделил благодарници на Ахмети и на уште стотина други на денот на отворањето.

– Според моите информации, не се работи за музеј на УЧК, како што беше претставен, туку музеј што одбележува настан од 1944 година, кога се убиени шеесетина селани од Сопот. Ахмети таму беше гостин и сите прашања треба да ги упатите до организаторите. Според моите информации, тие велат дека тоа е семејно земјиште. Семејството тоа го изградило за да им оддаде чест на соселаните, но ние немаме никаков удел во тоа, само бевме поканети и претседателот Ахмети учествуваше како гостин – изјави Османи на новинарско прашање дали музејот на УЧК е изграден на приватно или на државно земјиште и кој ќе понесе одговорност за дивоградбата.

Ахмети, музеј Сопот, Фото: Фејсбук Ахмети

Впечатливо е дека во музејот доминира иконографија на УЧК, а не на убиените жители од Сопот. Централно место во музејот зазема кадар на Али Ахмети во униформа на УЧК, постери и фотографии од Адем и Исмет Јашари, поранешни команданти на УЧК, како и постер на Фадил Нимани, познат како командант Тигар. Во музејот изобилуваат и знамиња со амблемот на УЧК, иако Османи ги убедуваше медиумите дека музејот не е посветен на УЧК.

Спомен-плочата со карта на „голема Албанија“ што беше поставена пред музејот е посебна приказна, бидејќи никој не може да потврди дали таа е сè уште таму, бидејќи во период од 24 часа неколкупати беше вадена и повторно ставана.

Градоначалникот Димитриевски ни изјави дека, според неговите последни информации, таблата со карта на „голема Албанија“ е извадена.

– Последна информација од инспекторите е дека утрово немало табла. Општината не издала документ за изградба на музејот. Според Катастарот, објектот е на државно земјиште, а дали некој во меѓувреме се стекнал со имот или не, не знам. Полицијата нека утврди кој го градел музејот. Кога отишле инспекторите, никој не се пријавил дека е инвеститор. Општината својот дел од работата си ја заврши и ќе продолжиме да работиме. Ако објектот нема дозвола, ќе се стави на листа на извршување, инвеститорот може да добие кривична пријава, може да добие записник без кривична пријава, односно за враќање на локацијата во првобитна положба. Но ние не го знаеме инвеститорот, тој се крие. Сега уште малку ќе го избришат и Али Ахмети дека бил таму – ни изјави Димитриевски.

Фото: Фејсбук

Премиерот Димитар Ковачевски, исто како и Османи, вчера изјави дека музејот во Сопот е изграден на приватно земјиште.

Според наши извори, објектот што сега е музеј, е изграден пред неколку години. Објектот е изграден на земјиште за кое семејството повело постапка за легализација и враќање на сопственоста. Нашиот извор тврди дека сопственикот ѝ е познат на Општина Куманово токму поради постапката за легализација, но одби да ни го открие идентитетот. Тој тврди дека за изградбата на музејот донирале селаните од Сопот, но дека најголем дел од донациите се од членови и функционери на ДУИ.

На отворањето на музејот, сопственикот поделил околу 100 плакети во знак на благодарност за изградбата, за донациите и за промоцијата на музејот. Плакета добил и Ахмети. На нашето прашање зошто доминира иконографија на УЧК ако музејот е изграден во спомен на убиените селани во 1944 година, изворот ни одговори:

-А, со што да се фалиме, ако не со УЧК. Тоа е најсветлиот дел од историјата на Албанците, по Скендербег – ни рече нашиот извор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот